Поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани денеска изјави дека владата нуди финансиски стимули на пратениците, кои не се членови на СИРИЗА, за нивна поддршка при гласањето доверба, пишува електронското издание на грчкиот весник Катимерини.

Во коментарот, даден за грчкиот телевизиски канал Скај, Бакојани рече дека премиерот Алексис Ципрас ќе обезбеди 151 глас за доверба на владата преку „политичка зделка“.

Бакојани уште додаде и дека очекува владата да го внесе во парламентот и Договорот од Преспа, веднаш по гласањето доверба.

Според неа, Ципрас има поддршка од 145 пратеници од СИРИЗА и независната Катерина Папакоста, како и од четворица пратеници од Независни Грци и еден пратеник од партијата Потами.

Во истото интервју Бакојани вели дека очекува одржување на предвремени парламентарни избори во март.