На четвртиот конгрес на ДУИ, кој се одржа изминатиот викенд во Скопје, лидерот Али Ахмети со акламација повторно беше избран за лидер на партијата, откако за него гласаа повеќе од 800 делегати. Тој беше и единствениот предлог за лидерската функција од сите 36 разграноци на ДУИ. Сепак, на овој конгрес се случија промени во раководните тела на ДУИ, кои познавачите на состојбите во партијата го толкуваат како елегантно кадровско прочистување. Вицепремиерот Садула Дураки, Муса Џафери, кој некогаш важеше за десната рака на Али Ахмети, контроверзниот Бекир Асани и поранешниот вицепремиер Хазби Лика се меѓу оние што веќе не се дел од највисокото раководство на ДУИ. Во генералниот совет на владејачката ДУИ не влегоа ниту Аднан Јашари, Фатмир Бесими, Атила Реџепи, Рафиз Алити… Членовите на ДУИ што не се избрани во генералниот совет нема да бидат ниту членови на Централното претседателство на партијата.

Во новиот состав на генералното собрание влегоа градоначалниците на Тетово и на Струга, Теута Арифи и Рамиз Мерко, потоа поранешните градоначалници Изет Меџити и Фатмир Дехари, како и Бујар Османи и Артан Груби… Генералниот совет има околу сто члена, од кои некои се членови по функција. Во него влегоа и собранискиот спикер Талат Џафери и пратеникот Џевад Адеми, како и министрите за економија и за образование Крешник Бектеши и Арбер Адеми.