Лидерот на ДУИ Али Ахмети изразува загриженост процесот на уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа да не биде загрозен од невниманието на институциите, бидејќи вели, процесот се уште не е завршен.

-Како да имам еден немир, затоа што ова е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невниманијата на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес кој веќе е затворен и дека е завршен. Овој процес се уште е во развој и треба сите државни институции, законодавни институции, институциите што ги спроведуваат законите, да бидат внимателни, да го чуваат од некоја надворешна инфламација, затоа што лесно може да се загрози имунитетот на овој процес, вели Ахмети во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Според него, сите институции, вклучувајќи ги и политичките партии, имаат одговорност да го зачуваат процесот да остане здрав, на нозе, сè до завршеток.

Во однос на идејата на ДУИ за консензуален претседател која се актуелизира на неколку месеци пред претседателските избори, Ахмети вели дека сè уште не разговарале за деталите, но „по завршување на овие големи процеси кои ги имаме, ќе може да разговараме и за ова тема“.

Дециден е дека нема потреба за организирање предвремени избори.

-Ние треба да ги спроведеме и материјализираме задачите, обврските, програмите кои ги имаме, било како Влада, било како политички партии кои партиципираме во коалицијата и мислам дека за земјата ќе беше покорисно ако се оди на редовни избори и да стигнеме со успех да ги завршиме изборите за претседател на државата што подобро и да најдеме заеднички јазик овој процес да го менаџираме заедно, вели лидерот на ДУИ Ахмети.