Претседателот на државата ја блокираше највисоката институција со не потпишувањето на законот за ратификација на Договорот со Грција. Со тоа тој го крши Уставот и прави кривично дело за кое треба да одговара, изјави вечерва лидерот на Демократската партија за интеграција Али Ахмети на гостувањето во емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“ телевизија.

– Не сакам првиот човек на државата после кратко време да се најде пред обвинителна клупа за кршење на Уставот. Претседателот е обврзан да ги ратификува законите и договорите кои се гласаат од мнозинството во Собранието- рече Ахмети, додавајќи дека нема сила која може да го спречи договорот бидејќи граѓаните сакаат мир, стабилност, економски развој, демократија и правна држава.  

Оцени дека случувањата во изминатиот период и потпишувањето на договорот за спорот за името се важни и оти е потребна храброст и поддршка од сите страни во државата. – Сите треба да имаме храброст овие процеси да не бидат спречени, рече Ахмети, според кого опозицијата треба да биде активен дел од овие процеси. 

Во однос на ставот на партијата да не се оди на референдум, туку за договорот за името со Грција да се примени истата постапка како за договорот за добрососедство со Бугарија, Ахмети појасни дека нивниот став е таков бидејќи референдумот може да пропадне од разни надворешни влијанија кои би манипулирале со граѓаните со моќни патриотски фрази. 

– Се уште има сили водени од геостратешки интереси кои може да манипулираат. Не сите ја сакаат иднината и мирот во Македонија. Во регионот има групации кои не и сакаат добро на Македонија- рече Ахмети. 

Доколку референдумот биде успешен, Ахмети очекува дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи уставните измени. 

– Ако референдумот биде успешен, а треба да биде, подобро ќе биде опозицијата да гласа за уставните промени кои мора да се случат. Ако опозицијата не учествува во ваков процес и секоја постапка против е како да одат против волјата на граѓаните- рече Ахмети. 

Тој не гледа никаква основа за поднесување на денешната кривична пријава од ВМРО-ДПМНЕ против премиерот, министерот за надворешни работи и пратеници за предавство. 

Во однос на тоа дали во минатото имало подобар предлог за името, Ахмети истакна дека на средба во САД меѓу Џо Бајден и поранешниот премиер Никола Груевски биле понудени неколку решенија за името меѓу кои и Северна Република Македонија. 

– Тогаш се работеше на тоа да се најде компромис. Оваа средба резултираше    со тоа што Груевски не прифати компромисно решение и тука заврши се. Имаше неколку предлози меѓу нив и предлогот Република Северна Македонија, Република Македонија (Скопје) и Горна Македонија. За жал, работите не одеа кон договор- посочи Ахмети. 

На гостувањето на Канал 5, Ахмети откри дека како партија остануваат на ставот за консензуален кандидат за претседател и оти се подготвени доколку ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање покрај претседателските избори да се одржат и предвремени парламентарни избори. 

– ДУИ не го менува ставот за ова. Начелно претседателот треба да биде консензуална фигура прифатлива за заедниците. Цврсто стоиме на овој принцип и тоа го имаме јавно кажано. Ако успееме да дојдеме до договор, ќе имаме заеднички кандидат- истакна Ахмети.