На закажаната средба на партиите од албанскиот блок на иницијатива на ДУИ, се појави само Али Ахмети. Како што рече лидерот на ДУИ на брифингот за новинарите, замислата била оваа средба да ги обедини лидерите во заедничките цели, што ги имаат партиите.

Ахмети вели дека жали што лидерите од албанскиот блок не дошле, иако средбата што зела обврска ДУИ да ја организира, тие ја барале.

– Оваа средба ја свикав на барање на другите партии, кои вршеа пртисок да ја организираме. Жал ми е што не дојдоа и не станаа дел од заедничката агенда. Нивното недоаѓање би сакал да не го искористат за дневно политички цели. Во пресрет сме на значајни политички прашања, ќе ги претставев сите наши ставови, предлози за решавање на проблемите. Секое решение што ДУИ ќе го понуди ќе биде во интерес на земјата и македонските и албанските прашања. Време е да делуваме со огнено срце и со ладна глава – рече Ахмети.

Како што велат од ДУИ, организирањето на оваа средба е како резултат на заедничкиот договор што албанските партии го потпишаа после изборите во декември во 2016 година.

На средбата беа поканети Зијадин Села од Алијанса за Албанците, Африм Гаши од Алтернатива, Биљал Касами Беса, Мендух Тачи лидер на ДПА.