Нас нѐ интересираше во договорот да се опфатат супстанцијалните елементи, за од кираџии да станеме господари во нашата земја, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната конференција на тема „По Охрид“, по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Тој вели дека целосно го прифатил договорот и дека најголема тешкотија и за Албанците и за Македонците би била поделбата на државата.

– Поминавме низ најголемите тешкотии, но она што беше најголемата тешкотија што мислам дека ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците, поделбата на оваа држава. Друго е она што се вели по 20 години, но пред 20 години и оваа опција беше на маса. Јас ќе бидам благодарен на НАТО, Вашингтон, Брисел што најдовме силна поддршка против оваа трагична опција со многу големи последици за нашите граѓани. Тоа беше надминато, ќе им бидам благодарен на овие центри за континуираната поддршка што ја дадоа за спроведување на Охридскиот мировен договор – рече Ахмети.

Тој вели дека успехот е заеднички на сите.

– Овој успех го споделуваме заедно, локалните власти, политичките партии и меѓународните власти кои посветено и никогаш не го оставија настрана интересот и помошта за да се направи овој договор да биде спроведлив и функционален. Нас нѐ интересираше во договорот да се опфатат супстанцијалните елементи, за од кираџии да станеме господари во нашата земја – рече Ахмети.

Според Ахмети нема друга алтернатива освен целосна имплементација на Охридскиот мировен договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија.