Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера бил на гости кај шефот на државата Стево Пендаровски.

Од кабинетот на претседателот на државата информираат дека двајцата соговорници размениле мислења за актуелните случувања во државава.

– Претседателот Пендаровски укажа на потребата во периодот што претстои сите политички чинители да имаат одговорен пристап и да ги насочат своите капацитети кон исполнување на реформската агенда, а со намера за почнување на пристапните преговори за членство со Европската Унија – стои во соопштението.

Пендаровски порачал дека Република Северна Македонија е исправена пред историска шанса да се потврди како партнер и рамноправен дел од најзначајните сојузи во светот – Европската Унија и НАТО.

– Тоа е единствениот пат што води кон стабилност и просперитет на државата и на регионот. Потребно е сите политички фактори во Република Северна Македонија да се насочат кон намирување и обединување околу стратегиските цели на земјата – порача Пендаровски.

Ахмети упатил честитки до претседателот Пендаровски по повод стапувањето на функцијата и му посакал успех во работата. Н.М.