Претседателот на ДУИ Али Ахмети изјави дека претставниците на владејачките партии и опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска имале разлики во ставовите кои се однесувале на референдумското прашање и оти за него попладневниот дел од средбата бил разочарувачки.

– Владејачките партии ги бранеа државните интереси. Разликите се во прашањето кое треба да се постави на референдумот. Се разбира дека нормалниот тек на референдумот и изјаснувањето зависи од прашањето кое ќе го поставите. Во овој случај сакам да истакнам дека сите ние треба да ги ставиме државните интереси пред партиските интереси. И сметам дека во оваа ситуација опозицијата треба да ги стави, пред се, државните интереси, рече Ахмети.

Според него, дискутирани се многу детали и дебатирано е доста за ова прашање.

– Конечниот став на ДУИ е дека треба да се имаат предвид државните интереси, а тие интереси се Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ и овие ставови ќе ги браниме до крај, рече лидерот на ДУИ.

Првиот дел од средбата го оцени, како што рече, најпозитивно имајќи предвид дека владејачките партии се повлекле од првичните позиции во интерес на единството во државата и отстапи за опозицијата го добие тоа што го барала.

Во Клубот на пратениците денеска се одржа трета лидерска средба во пет дена.