Демократската унија за интеграција (ДУИ) одбележува 18 годишнина од оснoвањето, а по овој повод лидерот на партијата Али Ахмеи посочува дека и натаму се најголем субјект на Албанците во земјата, наследник на ОНА и легитимен и апсолутен претставник на политичката волја на Албанците.

Ахмети во својата честитка по повод годишнината нагласува дека следна цел во политичката агенда на ДУИ е да го постави првиот Албанец премиер.

– 18 години бевме заедно во секој предизвик со кој се соочивме, во безброј процеси за постигнување на потполна рамноправност, за целосна интеграција во НАТО и ЕУ, за подобрување на животниот стандард, за обезбедување на иднината на нашата младина и на сите нас – нагласува Ахмети.

Тој посочува дека денес земјата е полноправна членка на НАТО и преговара со Европската Унија за полноправно членство, а Албанците имаат јазична рамноправност со три универзитети на албански јазик, со училишта, болници, градинки и институции.

– Раководевме како Албанци и граѓани на оваа држава со Собранието, Министертвото за Одбрана и за Внатрешни работи, Народниот правобранител и Државниот правобранител, Врховниот и Уставниот Суд, но сега дојде време за нешто поголемо – нагласува Ахмети најавувајќи ги амбициите на партијата за прв Албанец кој ќе биде премиер на Македонија.

– Оваа толку важна годишнина за сите нас, заедно да ја определиме нашата следна цел почнувајќи од следните избори и да ја реализираме определбата за да избереме ценета, почитувана и докажана личност, таа или тој кој што ќе го избереме заедно, за првиот Албанец премиер на земјава – се вели во пораката на Ахмети.

Сепак, тој нагласува дека во моментов албанската политичка сцена е во период на раздор и ослабување на албанската политичка воља во многу партии кои, според него, предизвикуваат раздор и отцепувања.

– Секогаш повторувам дека не ни треба дефакторизација на албанскиот глас во толку многу партии и со локално, а не целосно застапување – посочува лидерот на ДУИ во своето обраќање.

Демократската унија за интеграција е формирана на 5 мај 2002 година во Тетово, три месеци пред одржувањето на парламентарните избори во 2002 година од јадрото на Ослободителната Народна Армија (ОНА).