Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зачестените инкриминирани случаи со фалсификување на македонските патни документи не само што отворија ново поглавје во криминалното портфолио на нашето општество, причинето од организирана криминална група граѓани на привилегирани позиции во институциите, туку токму тоа има референца да нанесе непоправлива, уште подлабока, многу крупна штета на надворешен план, во областа на интегративните процеси на државава кон ЕУ. Имено, токму ова неодговорно однесување на поединци и групи ја отвори дилемата дали Македонија уште пред да ги започне преговорите за членство во Унијата, веќе со ова ја активира таканаречената нова „реверзибилна методологија“ на ЕУ за преговарање. Односно, дали е доведен во опасност и ставен на преиспитување (и повторно преговарање) веќе исполнетиот критериум за безвизен режим на патување во ЕУ, кој се практикува веќе 15 години? Аферата со фалсификуваните пасоши има реален потенцијал да ги стави во заложништво нашите евроинтеграции

Ќе ја активира ли ЕУ за нас реверзибилната
методологија за повторно преиспитување
на веќе исполнет критериум за безвизен режим

 

Додека интересот на македонската јавност за започнувањето на преговорите за членство во ЕУ е фокусиран кон надминување на опструктивното вето од Бугарија, како нов реален предизвик за евроинтеграциите на Македонија се наметнува една нова внатрешна ситуација, предизвикана од аферата со издавање фалсификувани македонски пасоши на странци, и тоа со сомнителна криминална биографија. Наместо напредок на патот кон ЕУ, оваа афера содржи заканувачки потенцијал и можност за укинување на придобивката од статусот земја-кандидат, како што е безвизниот режим за патување на македонските граѓани во земјите на Унијата. Ваквата инкриминирана појава со македонските патни документи ја отвора и дилемата дали Македонија уште пред да ги започне преговорите за членство во Унијата, веќе ја активира реверзибилната методологија за преговарање. Односно, дали е доведен во опасност и ставен на преиспитување (и повторно преговарање) веќе исполнетиот критериум за безвизен режим на патување во ЕУ, кој се практикува веќе 15 години?
Според сознанијата на МИА, Европската комисија не навлегува во коментирање на случајот со фалсификуваните пасоши од Македонија, но потсетува дека редовно врши ревизија на критериумите за безвизен режим, за што безбедноста на личните документи е клучна.

– Она што можеме да го кажеме е дека прашањето за безбедноста на документите е еден од условите за либерализација на визниот режим, според кој земјите ослободени од визи имаат обврска да ги усвојат и имплементираат соодветните административни мерки – гласи одговорот од службата за односи со јавноста на Европската комисија.
Понатаму уште се наведува дека исполнувањето на условите за слободен визен режим се под постојан надзор, а до Европскиот парламентот и Советот на ЕУ секоја година се доставува извештај за состојбата со овие критериуми за секоја земја што е ослободена од визи со ЕУ.
– Врз основа на овие извештаи, Европската комисија дава препораки. Неисполнувањето на условите може да биде основа за активирање на механизмот за суспензија на визите, но суспензијата на изземањето од визи не е автоматски процес. Комисијата мора да ги земе предвид сите можни последици од суспензија на визното изземање за надворешните односи на ЕУ и на нејзините земјите-членки, како и за ситуацијата со човековите права во земјите што не се членки на ЕУ – дообјаснуваат од Европската комисија.
Иако навидум без конкретен одговор од ЕК дали кои било од критериумите за слободен визен режим се загрозени, сериозноста на аферата со фалсификуваните пасоши отворено укажува дека Македонија отворила прашања за кои се веруваше дека се затворени и ги ставила на преиспитување пред институциите на ЕУ.
– Со аферата со фалсификуваните пасоши, Македонија како држава демонстрира незрелост и покажува дека е тешко да се опстои на европските стандарди без придвижување напред во процесот на евроинтеграции. Сепак, тоа е дуално реверзибилен процес: колку што Македонија демонстрира незрелост, и ЕУ има дел од (не)одговорноста со целото отежнување на процесот на македонските евроинтеграции. Доколку веќе имавме започнато преговори за членство во ЕУ, сосема извесно немаше да дојде до ваква ситуација. Незапочнување на преговорите значи тоа – губење на енергијата и мотивацијата за одржување и на постигнатите ЕУ-стандарди. Сепак, со ваква афера, во која е компромитирана безбедноста на македонските лични документи, сами се враќаме назад, не мора ЕУ да нѐ враќа – смета Александар Кржаловски, прв извршен директор на МСМС.

Отворените сомневања во одговорноста на македонските власти во однос на одржувањето на европските стандарди, за познавачите на политичките случувања во Македонија претставуваат своевиден „автогол“ спрема сите свои (за многумина контроверзни) политички потези, наводно, во интерес на евроинтеграциите на Македонија.
– Македонските граѓани секојдневно живеат под стрес од политички афери од секаков вид, токму поради сѐ повидливата неодговорност на власта. Името на државата беше сменето токму со аргументите за отворање и забрзување на евроинтеграциите, а сега аферата за фалсификувани пасоши претставува „автогол“ на таквите прокламирани „проевропски политики“. Можеби политичарите на власт и не мислеле дека дотаму ќе се развие аферата, но сето тоа укажува на неодговорност и спрема граѓаните и спрема ЕУ, а конечно и спрема своите политики. Со оваа афера се прокоцкани сите европски ветувања со кои ги добија изборите. Што е уште полошо, одземен е и сонот на граѓаните за понатамошна европска перспектива – вели поранешната амбасадорка и новинарка Мелпомени Корнети.
Петар Богојевски од „Македонски концепт“ смета дека доколку биде изгубен безвизниот режим за Македонија кон ЕУ, нема да биде доволна само политичка одговорност туку треба да се бара и кривична одговорност од актуелната власт, за изгубениот европски пат.

– Поразително, но со ваквите афери, како фалсификувањето македонски пасоши и овозможувањето криминалци од балканските наркокартели да се движат слободно низ светот со нив, првично ја деградира Македонија дека не е созреана да биде членка на НАТО, а ни на ЕУ. На пораките од Стејт департментот дека треба да престанеме да се однесуваме како земја во транзиција, сега се надоврзуваат и пораките од Европската комисија за засилена ревизија на критериумите за безвизен режим. Ако оваа влада ја „изгори“ визната либерализација за Македонија, нема да биде доволна само политичка одговорност туку треба да се бара и кривична одговорност за изгубениот европски пат – цени Петар Богојевски.