Фото: Игор Бансколиев

Грчкото барање за едно име за севкупна употреба или т.н. ерга омнес е бесмислено, ирационално и апсурдно во секоја смисла и спротивно на меѓународните правни прописи, но и етички стандарди

Преговорите што Р. Македонија ги во води со Р. Грција за наметнатиот спор за името на државата, според изјавите на преговарачите во медиумите се навлезени во некоја поинтензивна фаза. Се чини дека динамиката на средбите што се одвиваат во последниве 4-5 месеци можеби е најактивна досега во споредба со сите 27 години, колку што трае овој спор, или барем од 1995 година, по потпишувањето на Привремената спогодба меѓу двете страни.

Покрај преговорите што се одвиваат под покровителство на Обединетите нации, со медијаторство на посредникот Метју Нимиц, течат и работни средби меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и конкретни активности на дипломатски работни групи од Македонија и од Грција. Претходната долгогодишна практика на преговори со специјални пратеници веќе е надмината, а сосема е очигледно дека преговорите за името, од македонска страна, ги има преземено Владата.
Сепак, во согласност со законската регулатива, во случај на евентуален иден договор надлежностите се поделени.

Според уставната и законската регулатива на државата, тоа е легитимно, односно според членот 119 од Уставот на Република Македонија, „меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија, кога тоа е определено со закон“. Сепак, во правото, приматот на надлежностите на правните субјекти најчесто е прецизиран и според редоследот на членовите и ставовите во актите, особено во Уставот.

Од друга страна, во Уставот на Република Македонија нема правна основа за менување на името на државата, тврдат експертите

– Во компаративното право, секогаш е истакнато дека првата надлежност на претседателот на државата е неговата улога во меѓународната политика. Оваа алинеја ја нема во нашиот Устав, но јасно и примарно е поставено во членот 119 од Уставот дека меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на државата. Секако, и Владата го има тоа право, во случаи кога тоа е определено со Законот за склучување, ратификување и извршување на меѓународните договори. Но кога се преговара за името на државата, оние што преговараат не треба да го заборават членот 119 од Уставот, односно дека претседателот на државата го потпишува указот на Законот за ратификација на договорот. А не треба да се превиди и дека во Законот за склучување, ратификување и извршување на меѓународните договори нема област со која се предвидуваат преговори за менување на името на државата, ниту за менување на Уставот. Тврдам дека во Уставот на Република Македонија нема правна основа за менување на името на државата – вели професорката по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова.

Последните барања на грчката страна за отворање и менување на Уставот на Република Македонија, со толкување дека правниот термин „ерга омнес“ ( за севкупна употреба) означува дека евентуално новото договорено име за државата би требало да се применува и за внатрешна употреба, стручната, па и пошироката јавност во Македонија ги доживува како нова уцена на Грција. Таквиот „непристоен предлог“, ставен во обландата на неизбежноста на усогласување со законодавството на Европската Унија, во текот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, Грција го наметнува како услов за добивање датум за почеток на преговорите.

– Грчката страна во преговорите за името се обидува да ни каже дека не сме разбрале што значи ерга омнес, односно дека севкупната употреба подразбира и внатрешна употреба во земјата. Но во меѓународното право е јасно дефинирано дека терминот ерга омнес означува употреба кон сите држави во меѓународните односи, а не и за внатрешна употреба. Бидејќи Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција е интер партес, односно меѓународен договор меѓу две страни (како што и се именуваат двете страни во спогодбата – прва и втора страна), таквите меѓусебни договори не создаваат обврска за трета страна. Односно, во таков случај на меѓусебен интер партес договор не можете да принудите трета држава што ве признала со историското и уставно име на државата да го прифати и новото, евентуално договорено име. Како конкретен пример, Македонија не би можела да ја принуди Турција да ја именува со новото договорено име. Конечно, и етички е спорно како држава да барате да ве признаат под ново име други држави што веќе ве признале со историското и уставното име – објаснува професорката Силјановска-Давкова.

Што се однесува до барањето за менување на Уставот на Р. Македонија, под привидот на усогласување со европското законодавство, нешто што е вообичаено за земјите-кандидатки за членство во ЕУ, но дури на крајот на преговорите, професорката Силјановска-Давкова смета дека тоа не треба да се меша со уставните измени што сега ги бара Грција.

– Членството во Европската Унија, односно членството во државни сојузи, подразбира пренесување дел од суверенитетот на одредена држава на таквиот сојуз. Правото на ЕУ е наднационално право, но тоа не смее да се меша со овие уставни измени што сега од нас ги бара една членка на ЕУ, односно Грција. Суверенитетот на Република Македонија не извира од граѓаните на Република Грција, ниту од ЕУ, туку од граѓаните на Република Македонија – вели професорката Гордана Силјановска-Давкова.