Фото: Маја Јаневска-Илиева

Конспиративните теории за крајот на државава, доколку не го решиме проблемот со нашиот јужен сосед, се надвор од секоја логика и таквите треба да ги гледаме со резерва, тврдат експертите

Одредени апокалиптични пораки што ги испраќаат политичарите за тоа што ќе се случи доколку Македонија до јуни не го реши наметнатиот спор за името со Грција и притоа не добие датум за почнување преговори со ЕУ, помалку или повеќе создава привид на страв и вознемиреност кај обичниот граѓанин, кој, според експертите, е сосема ирелевантен и непотребен. Создавањето на ваквата наелектризирана атмосфера кај граѓаните постојано се наметнува, а со тоа се врши некое бесмислено убедување дека доколку Македонија не влезе во ЕУ и во НАТО државата ќе се распадне. Ваквите мрачни сценарија се со единствена цел остварување одредени политички поени и омекнување на јавноста, која, според последните анкети, е изразито против какви било отстапки кон Грција како и против промена на уставното име. Со ваквиот јасен став на јавноста и граѓаните, преговарачите и политичарите вклучени во процесот се практично разоружени и затоа сега применуваат техники на ширење страв и заплашување што било и претходно практикувана стратегија, сметаат аналитичарите.

Вакво „сиво“ сценарио за Македонија за евроатлантскиот пат, доколку не го реши проблемот за името со јужниот сосед, во брзо време последен вчера изнесе државниот министер за европски прашања во германското МНР Михаел Рот. Германскиот дипломат во разговор со премиерот Заев истакна дека годинава Македонија мора да го реши проблемот за името, во спротивно, според него, на земјава ѝ претстои статускво-ситуација во односите со ЕУ, која може да трае и со години.

Ден претходно, набројувајќи ги аргументите поради кои Македонија треба да го реши проблемот за името за да биде дел од ЕУ, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи ги убедуваше амбасадорите на земјите-членки на Унијата дека Македонија е парчето што недостига во европскиот мозаик.

– Губењето на надежта за ЕУ и за НАТО-членство ќе придонесе младите луѓе и натаму да продолжат да ја напуштаат земјата намалувајќи ги работната сила и можностите за развој и раст. Загубата на надежта, исто така, ќе предизвика силен замор од ЕУ и евроскептицизам и ќе ги зголеми чувствата против НАТО. Поделеноста на населението по етничка, религиозна и по социјална основа ќе се продлабочи што ќе предизвика ранливост на демократските институции и нивниот капацитет да владеат, ќе го намали нивото на отпорност и ќе создаде плодна почва за вмешување и поголемо влијание на трети земји. Ќе отвори простор за навлегување потенцијални насилни групи зголемувајќи го со тоа ризикот од тероризам, екстремизам и национализам – предупреди вицепремиерот Османи.

Наспроти ваквите сценарија, македонските граѓани сметаат дека влезот на нашата држава во ЕУ не смее да биде по цена на националните интереси и на штета на идентитетските прашања. Македонија и досега била надвор од ЕУ и од НАТО, но има подобри перформанси од многу земји-членки

Сепак, и покрај ваквите сценарија македонските граѓани сметаат дека влезот на нашата држава во ЕУ не смее да биде по цена на националните интереси и на штета на идентитетските прашања. Македонија и досега била надвор од ЕУ и од НАТО, но има подобри перформанси од многу земји-членки. Исто така постојат и редица други држави што не се дел од овие сојузи, но остваруваат импресивни резултати и се високорангирани според животниот стандард. Оттаму и ние треба да постигнеме некое ниво со кое внатре нема да имаме проблеми и ќе обезбедиме владеење на правото, висок економски раст итн.

Впрочем, податоците од последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), покажуваат дека секој втор граѓанин е против каква било промена на името во однос на ЕУ и на НАТО.

– Еден од двајца граѓани односно 47,1 отсто се против каква било промена на името. Во исто време зачувување на името наспроти евроатлантските интеграции се главните фактори што влијаат на спорот за името, наведува МЦМС. Решение, пак, од друга страна, носи закана од грчки барања за нови отстапки, внатрешни поделби и судири, и неподготвеност на ЕУ за проширување. Се чини дека доживувањето на овие закани за опстанокот на нацијата, се главен двигател во одбивање договор со Грција, се посочува во анализата од МЦМС.

Македонија повеќе од една деценија го живее статусот на земја-кандидат меѓутоа во изминатите 20 години демократска транзиција малку нешта се променија.
Професорот по меѓународно право во пензија, Лазар Лазаров, смета дека ЕУ и НАТО се неопходни за Македонија, но не и таа за нив. Тој објаснува дека нетрпеливоста меѓу политичките субјекти во земјава е на ниво на постојан судир и тоа поради ситно политичко профитирање, а на цена на националниот идентитет и името. Според него, поради тоа постојано живееме опкружени со закани за неуспех на преговорите за името и наш целосен распад, што како што објаснува тој е целосна бесмислица.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Мислам дека Европската Унија од нас првенствено очекува да станеме попристојни, да почнеме да ги забележуваме тие елементарни норми на демократијата, за потоа да бидеме и рамноправна членка. Конспиративните теории за крајот на државава доколку не го решиме проблемот со нашиот јужен сосед се надвор од секоја логика и таквите треба да ги гледаме со резерва. И по јули и самитот на НАТО или, пак, на ЕУ, доколку не го решиме проблемот за името за кој сѐ потешко може да се преговара токму поради уцените од грчка страна за целосна промена на идентитетот и името, сонцето ќе огрее и без тоа. Најважно е дека ние ќе треба да се смениме во нашите однесувања, и во однесувањата на институциите, кои пристапот и функционирањето треба да го засноваат врз закон, а не врз партиски одлуки или партиски врски – заклучува Лазаров.

И Стево Пендаровски, националниот координатор за членство во НАТО, смета дека и без покана од НАТО нема да има закани за Македонија.
– Ако не добиеме покана за членство во НАТО, наш предизвик во следниот период, наспроти нечии катастрофални предвидувања, нема да биде сочувување на територијалниот интегритет и суверенитет, бидејќи такви закани нема, туку развојот на демократските институции и економијата – истакна Пендаровски. Според него, во овој момент важно е да продолжи фокусирањето врз економскиот развој, особено од аспект на странските инвестиции, кои објективно многу полесно доаѓаат, особено во земји што се дел од еден широк и стабилен безбедносен режим.