Фото: Архива

Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здравствена заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија на полипрагмазија. Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Олку лекови одеднаш ни здрав атлет не би издржал, вели проф. Пановски

Апел за неопходно и експресно објавување протоколи за лекување од ковид-19

Низа реакции предизвика информацијата што ја обелодени микробиологот проф. д-р Никола Пановски, дека на пациент што бил воден од интернист му била пропишана терапија од дури три различни антибиотици. Според професорот, кој е стручен за употреба на антибиотици, вакво нешто е недозволиво и затоа тој побара од надлежните итно да преведат протоколи за ковид-19 и да ги објават.
„По непроспиена ноќ и консултација со пет мои колеги, кои ги почитувам, а се активни во борбата против ковид-19, и нивниот одговор 4:1, дека треба да објавам приказ на случај на пациент, не го знам, воден од интернист и него не го знам (резултатите се со избришани имиња и ЕМБГ, ги имаат петте колеги и министерот Филипче, не би ги објавувал оригинално), пациентот е со ЦРП 1,5, леукоцити 3,5, и сѐ друго е во нормала освен покачени д-димери 850. РТГ – понагласена бронхијален цртеж долу десно. Терапија – панцеф 10 дена, сумамед шест дена, моксирал 10 дена, а друго: ампули неваксон, аминофилинум, новалгетол, урбасон, фамотидин, клексан, сѐ тоа да се прима два пати на ден, инфузија NaCl и уште три суплементи во таблети.

Пациентот ги купил сите лекови за 7.000 ден, за среќа, налетал на мои совесни колеги што го пратиле на друг интернист и избегнато е „труење со медикаменти“. Се работи за регион во Македонија каде што смртноста од ковид е трипати повисока од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија. Како стручен за антибиотици нагласувам дека сумамед се пие три дена, никогаш не се комбинира со моксирал, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот“, напиша професорот на својот профил на Фејсбук, што наиде на лавина коментари и споделувања.
Тој ги повика Министерството за здравство и Лекарската комора на Македонија итно да преведат протоколи за ковид-19 и да ги објават.
– Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здравствена заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија на полипрагмазија. Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Олку лекови одеднаш ни здрав атлет не би издржал – нагласи Пановски.

Тој за „Нова Македонија“ пред неколку дена кажа дека хрватските здравствени експерти во април годинава направиле комисија составена од 17 експерти, кои, пак, во септември дале предлог во согласност со кој е направена точна класификација на болните, кои лекови точно кога треба да се дадат. Истото тоа, според него, треба да го сторат и нашите власти.
Д-р Весна Стојанова Анастасовска е матична докторка и докторка по семејна медицина. Таа вели дека терапија се воведува по комплетен преглед на пациентот, направен рендген, лабораторија, состојба на д-димери. Таа вели дека секој матичен лекар работи според своите познавања, во недостиг од протокол по кој ќе се водат за третирање пациенти со ковид-19.


МЗ: Лек нема, се дава терапија за да се ублажат симптомите

Побаравме одговори од Министерството за здравство во врска со лекувањето ковид-19, од каде што објаснија дека матичните лекари и специјалистите користат терапија за третман на ковид-пациенти во зависност од клиничката слика на заразениот.
– Не постои специфична терапија за лекување од ковид-19. Нема лек за овој вирус чија симптоматологија е слична на грип. Третманите за лекување на пациентите се движат од терапии со кои може да се ублажат симптомите или, пак, терапија за да се спречи прогресијата на болеста, или да се спречи вирусот да создаде компликација во организмот на заразениот. Пациентите со блага и лесна клиничка слика се лекуваат со антипиретици и витаминска терапија, доколку болеста не прогресира. Матичните лекари уште на почетокот на пандемијата имаат „патека“ по која треба да постапуваат доколку на пациент му се влоши состојбата или има потреба од хоспитализација – велат во министерството.
Во ковид-одделенијата, додаваат оттаму, постојат протоколи за лекување хоспитализирани пациенти, пациенти со тешка клиничка слика и овде станува збор за стручни насоки, направени од експерти во областа, каква терапија и во која форма треба да му се даде на пациентот што е на болничко лекување.
– Ако некој пациент смета дека неговиот матичен лекар или специјалист ги нарушиле здравствените протоколи или му го загрозиле животот на пациентот со неправилна терапија, случајот веднаш да го пријават во Државниот санитарен и здравствен инспекторат – додаваат во МЗ.