Вкупно 49 отсто од граѓаните се задоволни од работата на Владата во изминатата година, наспроти 47 отсто кои се незадоволни, покажуваат резултатите од новата анкета на телевизијата „Телма“ и Македонскиот центар за меѓународна соработка, презентирани вечерва во емисијата „Топ тема на ваша страна“.

На прашањето „Дали сте задоволни од работата на новата Влада во изминатата година?“, 16,5 отсто од испитаниците одговориле дека се „целосно задоволни“, 32,5 отсто „донекаде задоволни“, 12 отсто дека се „донекаде незадоволни“, 35,4 отсто „воопшто незадоволни“ и 3,6 отсто одговориле со „не знам“.

Прашани за тоа во која насока се движи ситуацијата во земјата изминатата година (со работата на Владата), 36,8 отсто одговориле дека се движи во „негативна насока“, 35,1 отсто во „позитивна насока“, за 22,4 отсто „ситуацијата е иста“, а 5,7 отсто одговориле со „не знам“.

Според резултатите од анкетата, 36,3 отсто од испитаниците одговориле дека Владата изминатите 12 месеци најмногу внимание посветила на „името“, 22,4 отсто на „ЕУ/НАТО интеграции“ и 3,9 отсто на „надворешна политика“.

На прашањето „На која област треба најмногу внимание да посвети Владата?“, 26,8 отсто одговориле на „зголемување на работните места“, 25 отсто – „економски развој“ и девет отсто „здравство“.

Од анкетираните вкупно 18,2 отсто сметаат дека најлошо својата работа ја врши Министерството за здравство, седум проценти дека тоа е Министерството за правда и 6,8 отсто Министерството за внатрешни работи, додека за 9,3 отсто најдобро својата работа ја врши Министерството за надворешни работи, за 8,6 отсто тоа е МВР, а за 6,6 отсто Министерството за образование и наука.

Анкетата е спроведена телефонски од М-Проспект, во периодот од 15 до 23 мај на репрезентативен примерок од 1.052 испитаници.