Фото: Игор Бансколиев

Како што наближува времето за одлука за преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, односно самитот во рамките на Берлинскиот процес и седницата на Советот на општи работи на ЕУ (двете на 10 ноември 2020), сѐ почесто се споменува потпишување некаков анекс на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, од 2017 година, како начин за задоволување дел од бугарскиот ултиматум. Овој пат тоа се однесува на „стравувањето дека нашата земја, кандидатка за членство во ЕУ, има територијални претензии спрема источниот сосед и членка на ЕУ?!“

Се бараат нови и сѐ поголеми отстапки од Македонија

Веројатно проценувајќи дека тезите изнесени во објаснувачкиот меморандум до ЕУ, за „измислените македонска нација и јазик“ не се прифатени како сериозни од земјите-членки на Унијата, Бугарија пронајде нова тема за уцена на Македонија, доколку не сака да се соочи со бугарското право на вето при усвојувањето на преговарачката рамка за евроинтеграциите. Најновиот уценувачки адут на Бугарија се темели на преземањето на улогата на жртва, која стравува дека помалата соседна земја, кандидатка за членство во ЕУ, има територијални претензии спрема неа. Таквата улога на жртва загрозена од соседските територијални претензии може да се каже дека е проверена стратегија за блокирање на евроинтеграциите на Македонија, уште од времето на дведеценискиот спор со Грција. Имено, Бугарија сега бара некаква потврда од македонска страна дека краткото уставно име на државата се однесува исклучиво на територијата на македонската држава и дека Македонија нема територијални претензии кон никој од соседите и кон кого било во светот. Секако, и официјална Софија и понатаму не се повлекува од барањата за темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори, кој се нарекува „основи“ и кој, според новата методологија, е најважниот кластер, кој прв се отвора, а последен се затвора во преговарачкиот процес.

– Во текстот на рамката за преговори се спорат два момента, краткото име, јазикот и, секако, потребата да се следи спроведувањето на договорот во текот на целиот процес на преговори. Тие бараат посебно поглавје за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, што значи, за спроведување на Договорот за добрососедство – ги наведува забелешките од Бугарија на текстот на преговарачката рамка за Македонија македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што наближува времето за одлука, односно самитот во рамките на Берлинскиот процес и седницата на Советот на општи работи на ЕУ (двете на 10 ноември 2020), сѐ почесто се споменува потпишување некаков анекс на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, од 2017 година, како начин за задоволување на дел од бугарските уцени. И покрај првичните деманти за каква било иницијатива за нов договор или анекс, македонскиот премиер Заев сепак се изјасни дека со декларација или изјава треба да се потврди дека „Република Северна Македонија е долгото име на државата, а Северна Македонија е краткото уставно име на државата и дека тоа се однесува на територијата на нашата држава, а и дека немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон кого било во светот“. Премиерот изрази подготвеност и да се потврди она што е веќе заведено и во македонскиот устав за немешање на државата во внатрешните работи на Бугарија, што всушност се поврзува со признавање на македонското малцинство кај источниот сосед.
И додека соседите, земји-членки на ЕУ, постојано бараат некои нови гаранции од Македонија, се поставува прашањето дали македонската држава може да смета на некакви гаранции од другата страна дека нема и понатаму да уценува со своето право на вето во ЕУ.

– Иронијата е во тоа што колку и да прави отстапки во договорите и анексите на договорите, Македонија сепак не добива никакви гаранции од Бугарија дека нема понатаму да го опструира македонскиот процес на евроинтеграции. Со секој нов елемент во постојните договори, сѐ повеќе се стеснуваат македонскиот интегритет и суверенитет. Ако на секоја надворешна реакција си ги стеснуваме националниот и државниот интегритет и суверенитет, станува спорно она што треба да го врши една држава со надворешнополитички прерогативи. Во случајот со Договорот за добрососедство со Бугарија, ако навистина сите страни (вклучувајќи ја и ЕУ) сакаа европско однесување, ќе го направеа тој договор по европски стандарди, а не со толкава асиметричност за македонската страна. Пред сѐ, ќе се оставеше простор историските комисии да работат независно и да не бидат услов за политичките процеси, како што функционира германско-полската историска комисија. Едноставно, политиката ќе беше ставена на друг колосек – вели историчарката Наташа Котлар, која наедно и предупредува дека политичките условувања и уцени со решавање долгогодишни историски разлики, некако е меч со две сечила во однос на конструктивноста на политичките процеси и може да предизвикаат само револт, особено ако ја допрат колективната национална меморија.

Професорот Страшко Стојановски од Правниот факултет при УГД – Штип, вели дека со евентуалниот анекс на Договорот за добрососедство, можеби би се амортизирале некои спорни прашања на краток рок, но цени дека тоа е само вовед во нивно решавање со политичка одлука, додека експертската историска комисија е само параван за таквата одлука.
– Анекс на договор што е потпишан пред три години (на кој речиси и не му се исушило мастилото на потписот) предизвикува сомневања дека сепак начинот за надминување на несогласувањата за одредени прашања се бара во политичка одлука. Со некаков анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија можеби моментално ќе се амортизираат некои прашања на краток рок, но сѐ личи дека тоа е само спин до посегнување по политичко решение и за проблематизирањето на историјата и етничката припадност на историските личности што го наметнува Бугарија, а јавноста во Македонија веќе се подготвува за тоа од страна на власта.

Се плашам дека историската комисија, создадена токму како обврска од договорот, ќе биде „пуштена низ вода“ од политиката. Ако македонската политика продолжи да се поставува сервилно, наводно во интерес на евроинтеграциите, голема е опасност со историско-политичките перверзии на бугарската страна, на крајот Македонија да биде прогласена и за фашистички колаборационист. Антифашизмот е сепак во основите на македонската држава. Треба да се заземе конзистентен и принципиелен став спрема внатрешнополитичките каприци на Бугарија, која за дефокусирање на сопствената јавност од внатрешните општествени состојби, бара и создава проблеми надвор – вели професорот Страшко Стојановски.


Бескрупулозен предлог на Захариева за „трампа“ на историјата

„Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори во сегашната форма. Имаме време, но тоа е исклучително кратко“, категорична е Захариева. На прашањето од што нема да отстапи бугарската држава, таа одговори: „Како што ја препознаваме реалноста, така и тие мора да го признаат минатото. Нема ништо комплицирано“.