Ние не сакаме да им го одземеме Гоце Делчев на Македонците, затоа што и ние и тие сме наследници на истите луѓе кои во минатото не се делеле, изјави европратеникот Андреј Коватчев за бугарската новинска агенција „БГНЕС“.

– Денеска се одбележува 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев. Личноста на големиот револуционер не треба да ги дели, туку да ги обединува Бугарија и Република Северна Македонија – рече тој, додавајќи „за жал, толкувањето на модерната реалност е основа на апсолутно фалсификување на историјата“.

Според него, исклучително е важно актуелните генерации на Македонија да не продолжат да се едуцираат во лага, што пак создава омраза и поделба. Во исто време, Ковачев истакна дека никој не сака да му наметне на современото население на Македонија како да се нарекува.

– Во срцето на нашиот спор не е современата реалност, туку толкувањето на историјата – рече европратеникот.

Поради оваа причина, таканаречениот „мешан комитет“ треба да се заснова на факти и историски извори, а не врз толкувањата на индивидуални историчари, смета Ковачев.

– Доколку мешовитиот комитет не работи и фалсификувањето на историјата продолжи, меѓувладината конференција ќе биде одложена сè додека не се постигне напредок – вели Ковачев.

Европратеникот го цитираше бугарскиот премиер, Бојко Борисов, кој претходно рече дека топката е во нивното поле.

 – Жал ми е што нашите соседи се преправаат дека не го слушаат и не го почитуваат договорот што го склучивме – рече Ковачев.