Надежите за европска иднина, со оваа влада во заминување остануваат само соништа. Зоран Заев со својата политика на свиткана кичма, ветувањата и концесиите кои ги давал се претвори во кочница на Македонија на евроинтегративниот пат. Аматерските грешки во дипломатијата со кои идентитетските и историските прашања ги направи критериум за влез во ЕУ, ги пораснаа негаторските апетити и станаа услов за Македонија, изјави Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Оставени сме пред избор – или интеграција со асимилација или целосно изолирање на Македонија од европските текови. Заев и Бучковски договараа и договараат без никој да знае што сè се подготвени да стават на маса. На маса за преговори се најде придавката „македонски“, што укажува на тоа дека Заев преговара за идентитетот како што претходно иако се колнеше се откажа од Македонија.

Слободата што си ја зема Владата носи само порази. Каков е НОН-ПЕЈПЕРот со кој се фалеше Бучковски, кој го напишал, дали истиот поминал на седница на Влада? Дали во него се содржани државните позиции? Дали го одобриле и погледнале Пендаровски, Собранието, членовите на Советот за безбедност? Има ли оваа држава институции? Има ли процедури? Кој носи одлуки?

Заев упорно го смета и го третира македонскиот народ за експериментална нација, кој не е вреден ниту да знае што се преговара во негово име. СДСМ е во очај. Како расте нервозата, така и лагите во прес конференцииte им зачестуваат. Лажниот патриотизам не може да ги испере сите предавнички политики на Заев. Било која портпаролка од СДСМ и како Сирма војвода да излезе на прес конференција и уште 100 пати да каже дека Мицкоски е крив нема да може да ги покрие анационалните изјави на Заев.

Факт е дека Заев пред недела дена говореше дека е блиску до договор со Бугарија во услови кога официјална Софија испраќаше негаторски барања. Факт дека Заев изјавуваше дека Македонците и Бугарите се ист народ кој нема само споделена, туку заедничка историја. Изјавуваше дека граѓаните на Петрич и Струмица зборуваат ист јазик. Факт е дека Заев ги омаловажи и македонските партизани и антифашистичката борба на македонскиот народ, говорејќи дека овде во Втората светска војна, Бугарија била администратор и дека ги ослободувале Куманово, Крива Паланка и Скопје.

Факт е дека Заев велеше дека Гоце Делчев не се борел само за Македонија, туку се борел и за други интереси, потврдувајќи ги позициите на бугарските историчари. Факт е дека Заев вршеше притисок врз историската комисија да ги прифати барањата на бугарската страна, во кои видовме дека придавката „македонски“ се бараше да биде изоставена. Факт е дека Заев се колнеше во жиците и во најмилото, па потоа излажа.

Единствено кое кај Заев е константа е дека неговата изјава дека СДСМ не се патриотска и македонска партија, и не им приличи да бидат патриоти кои ќе стојат зад македонските национални и државни интереси. Тоа што Заев не успеа во своето пазарење е поради силната реакција и спротивставување на народот, опозицијата, МАНУ, УКИМ, историчарите и лингвистите, па и високите функционери на СДСМ кои му се спротивставија.

Доста е од срамот на Заев и неговата екипа вечни политичари! Неуспехот и ветото имаат име и презиме, Зоран Заев. Тој остана изолиран и затоа сега е овој изблик на лажен патриотизам во надеж да се спаси колку може да се спаси. Ама овие обиди на СДСМ се очајни и неуспешни. Народот порача ОСТАВКА НА ЗАЕВ, СЛОБОДА НА МАКЕДОНИЈА! – истакна Андоновски.