Општо е познато дека македонскиот спор е прашање од национален интерес за Грција. Но за какво прашање станува збор и која е улогата на Грција?

Македонското прашање како борба за слобода беше затворено во 1914 и заокружено во 1945 година, со целосна победа на Грција. Солун, во кој Грците беа само малцинство, стана неповратно грчки, заедно со околните територии. Денес ниеден здрав Грк не би сметал дека е фер да се прошири кон север територијата на државата, ниту може да постои некаков реален спор за границата од другата страна.

Секакво споменување на „скопски иредентизам“ во грчката јавна дебата е навреда по борбите на грчките предци, кога дури и само Крит би бил доволен за да се одбрани границата од малата балканска држава. Всушност, грчките борби не беа вооружени, туку економски. Грчката економија изградена со крв, пот, солзи и малку среќа (тоа што Грција застана на десната страна на Железната завеса имаше некаква корист) беше гаранција за заштита на границите од десетици милиони можни непријателски соседи.

Кредата на наставниците, чеканот на работниците, хотелите на малите бизнисмени и образованието на интелектуалците ги штитеа границите, а не пушките на војниците (но во случај да бидат загрозени, заканата би дошла од нестабилниот исток).

Македонското прашање денес е само спор за името и претставува предмет на меѓународен маркетинг. Не станува збор за научно прашање, кое може да се реши на некоја голема меѓународна конференција. Ниту се работи за обичен билатерален спор што ги вклучува само Грција и поранешната југословенска Република Македонија, туку се работи за влијание врз ставовите на меѓународната јавност. Ова беше целосен грчки неуспех. Бесмислениот национализам го постигна првиот гол во 1993 година и оттогаш не престанаа головите против Грција.

За да се сфати дека се работи само за маркетиншко прашање, треба да се знае дека Грците во своите приватни разговори не се грижат воопшто како се нарекува државата (повеќето ја нарекуваат Скопје) или, пак, во самата ФИРОМ (како тие сакаат без оглед на договорот). Нема да направи разлика за Грците ако тие соседната држава засекогаш ја нарекуваат Скопје или нивните соседи да изберат сами да се преименуваат во Република Осамен Бор. За нив е најважно како ги нарекува преостанатиот дел од светот.

На Грците им е важно да воспостават цврста врска со просечниот американски и европски ум меѓу делот во Грција што се нарекува Македонија и славното минато на античка Македонија.

За жал, ваквиот маркетинг не може да успее преку протести или химни ниту со потписите на лидерите на лист хартија. Грција успеа во намерата ФИРОМ да биде меѓународно изолирана со години. Она за што дипломатите најмногу се противеа, меѓународната јавност сепак го прифати. Незнаењето, љубовта кон упростувањето и сочувството за аутсајдерот на неутралните во прашањето доведоа до самиот факт што целата планета граѓаните на ФИРОМ ги вика Македонци.

Играта веќе беше загубена во 1993 година. Кога германските пријатели добиваа писма од Грција со поштенски марки со катастрофално неуспешниот слоган „Македонија е грчка“, тие се прашуваа „зошто сакаат да ја анектираат малата држава?“. Очигледно е дека тие мислеа на ФИРОМ. Оттогаш зборот „Македонија“ се користеше во меѓународните медиуми, секојдневните разговори, па дури и на неутралната „Википедија“. Постојат околу 235 статии на темата, која е преведена на речиси ист број јазици. Само во грчките верзии се употребува терминот „ФИРОМ“, додека во сите други јазични верзии, од татарски до хавајски, државата се нарекува „Република Македонија“ или само „Македонија“.

Во изминатите неколку години, малкутемина во преостанатиот дел од Европа на кои навистина им беше важен овој спор се прашуваа што планира Грција и зошто не ѝ дозволува на слабата држава да застане на свои нозе и да влезе во европското семејство наместо да падне во рацете на Путин. Анегдотски, еден висок економист од Светската банка за Западен Балкан своевремено ме праша зошто грчкиот премиер не сака Македонија да се преименува во Северна Македонија. За него е јасно дека статус-квото е „Македонија“, а „Северна“ е само великодушен компромис.
Ако Грција е загрижена за брендот „Македонија“, тогаш „Северна Македонија“ не е најјасното и најдобро решение. Но време е ние Грците да ги споредиме позитивните и негативните страни од овој долгогодишен спор и да почнеме повеќе да се грижиме за нашите проблеми.

На меѓународната сцена, наследникот на славната култура нема да биде оној што ќе биде признаен во договорот, туку оној што ќе изгледа како подостоен. Аеродромот што ќе се одреди како вистинскиот „Аеродром Македонија“ ќе биде најубавиот, најпрометниот и најуспешниот. Слично на тоа, институцијата со најдобри шанси да се нарече „Универзитет Македонија“ ќе биде онаа со најдобрите научници и најпрестижната истражувачка дејност.

Големите „македонски“ производи (таков бренд постои денес) ќе бидат само оние со добар квалитет. Исто како што не можете обичен автомобилски произведувач да го направите познат само ако го ставите знакот на „БМВ“ над влезот на фабриката, така сите проблеми на Грција нема да се решат само со еден договор.

На крајот од денот, најбезбедниот начин да го добиете она што го посакувате е да знаете што сакате. Што сакаат Грците? Планетата Земја да прифати дека сите потекнуваме од Александар Велики? Имам лоши вести за ова: дури и ако ова е изводлива или посакувана идеја, на овој начин нема да се оствари.

Но можеби има и друго решение. Кога станува збор за Њујорк, никому веднаш не му текнува на дождливиот Јоркшир. Никој кога ќе слушне „Македонија“ нема да ја поврзе со друга територија ако ние самите не ја развиеме нашата Македонија и преостанатата Грција во една навистина просперитетна земја што ќе ги негува нејзините таленти и нема да звучи чудно кога Грците ќе ги постигнат најголемите успеси во спортовите (сетете се на Јанис Адетокунбо во НБА), уметностите (неколкуте номинации за „оскар“ на Лантимос) или науките.

Можеби тогаш кога ќе изградиме сопствен Њујорк, ќе сфатиме дека спорните имиња, преземањето на туѓото античко минато не е никакво решение, како што некогаш кажа големиот космополит Константин Кавафис.