Аморфност: Соочувањето на македонскиот народ со „погрешното“ постоење?!

Проф. д-р Митко Б. Панов подготви стручна анализа во четири продолженија, која ексклузивно ја објавуваме на страниците на нашиот весник. Во анализата, насловена „Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето“, се даваат научно објаснување и анализа на сите аспекти што се однесуваат на македонскиот национален идентитет, историја, јазик, култура… и обидите за нивна негација, оспорување и бришење

Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето (3)

„Позицијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија за европската перспектива на Република Северна Македонија“, сублимирана во пет точки, ја рефлектира националната агенда на Бугарија во однос на Македонија, дефинирана уште од 70-тите години на 19 век, со проектот за „Голема Бугарија“. Во неа сосема внимателно е избран секој збор и прецизно се констатира дека позицијата на Софија е „последователна и јасна“ за добивање „сигурни гаранции“ дека нема да бидат нарушени нејзините „фундаментални интереси“, втемелени на целосно и ефективно исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 г. Во тој контекст, Министерството посебно констатира дека за време на средбите на премиерот Заев во Софија и разговорите на министерот Османи на 17 јуни 2021 г. (со што е постигната и симболиката со датумот на потпишувањето на Преспанскиот договор), била изразена подготвеност за исполнување на сите обврски преточени во петте точки. Тоа јавно го потврди и премиерот Заев, истакнувајќи дека „со Бугарија имаме решенија што се прифатливи за двете страни“, со кои всушност „се адресирани грижите за Бугарија“ ( ТВ 21 , 2.7.2021).
Со петте точки, Софија всушност го допрецизира и конкретизира Договорот за добрососедство, по примерот на Преспанскиот договор, доследно следејќи ги Декларацијата на бугарскиот парламент и Рамковната позиција на бугарската влада од октомври 2019 г., како и појаснувачкиот Меморандум до членките на ЕУ од 16.9.2020 г. Истите тие се надоврзуваат и на португалскиот предлог, иако тој не беше прифатен од Софија, бидејќи се бараат претходни гаранции со исполнувањето на петте точки.
Точка 1. Бугарското министерство бара да се реализираат договорените обврски од 17 јуни 2021 г., со што официјално Скопје во согласност со чл. 11, ст. 3 од Договорот за добрососедство, во кој се забележува дека двете договорни страни „немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга“, ќе потврди пред ООН дека краткото и долгото име на државата „се однесуваат исклучиво на политичкиот субјект Република Северна Македонија, а не на географскиот регион Северна Македонија, дел од кој се наоѓа и во границите на Бугарија“. Слична формулација се забележува и во португалскиот предлог, со што Софија ќе обезбеди целосни гаранции за исклучување на името Македонија како идентитетска одредница.

Со дополнителното појаснување на името во ООН преку вербална нота, всушност самата Република Македонија целосно ќе ја исклучи географската компонента на поимот Македонија во името на државата. Оттаму, „Северна“ повеќе нема да биде географска одредница во името на државата, како што пропагираа неговите креатори и апологетите, а што наедно беше клучниот аргумент на власта дека нема да се менува македонскиот идентитет. Со ваквото дообјаснување на значењето на името во ООН, „Северна Македонија“ ќе стане исклучиво политички термин, кој ги дефинира „политичкиот субјект Република Северна Македонија“ и неговиот идентитет. Сведувањето на „Северна Македонија“ исклучиво на модерна политичка категорија и предмет на дефинирање со политичките договори со соседите, ќе значи дека името на државата и нејзините културно-историски традиции нема да можат да се базираат на географско-историското наследство поврзано со името и територијата на Македонија. Ако државата не се заснова на историското име и на територијата Македонија, тогаш нема ниту македонски народ, кој во минатото се поврзувал именски и идентитетски со Македонија. Тогаш поимот Македонија ќе нема никакво историско значење за македонскиот идентитет, односно ќе нема македонски идентитет. Со други зборови, со точка 1, се става дополнителен материјал во веќе „забетонираниот“ идентитет на „граѓаните на Северна Македонија“ како „северномакедонци“, а преку појаснувањето во ООН целосно се делегитимира историската посебност на македонскиот народ, а со тоа и на нацијата. Тоа ќе го сведе македонскиот идентитет на категорија со празна содржина, за која е потребно појаснување на неговото значење како аморфен термин што ја дефинира сегашноста.
Истоветниот историски контекст е содржан и во следната точка.

Точка 2 . Надоврзувајќи се на првата точка, бугарското министерство бара „Република Северна Македонија“ конечно да ги симне малцинските претензии кон Бугарија, преку „потврдата дека нема историски, етнички и други основи да бара малцински статус за која било група луѓе што не се нејзини граѓани на територијата на Република Бугарија“. Во таа смисла, Министерството се повикува на чл. 11, ст. 5, од Договорот за добрососедство, во кој стои дека Република Македонија „потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија“ . Допрецизирањето на Договорот во конкретната точка значи дека државата „Република Северна Македонија“ не само што ќе треба официјално да потврди дека нема етнички Македонци во Бугарија туку во политичка форма ќе треба да прифати историска дефиниција од која ќе произлезе дека етнички Македонци никогаш и не постоеле на територијата на Пиринска Македонија, односно дека отсекогаш биле етнички Бугари. Паралелно со прифаќањето на првата точка за името Македонија, ваквото историско дефинирање автоматски ќе значи дека во историјата воопшто и не постоеле етнички Македонци на територијата на Македонија, со што Бугарија политички и историски ќе ги верификува своите тези дека Македонците биле измислени со вештачкото креирање на македонската нација во време на Титова Југославија (што се позиции и на Грција), и тоа преку етничката конверзија на дотогашните Бугари во „измислени“ Македонци.

Реализирањето на обврската од оваа точка ќе значи финална реализација на бугарската националистичка агенда од 70-тите години на 19 век, реафирмирана во времето на Тодор Живков во контекст на Југославија, реактуализирана по независноста на Република Македонија и артикулирана со Договорот за добрососедство од 2017 г. Ваквата национална стратегија е заснована на демакедонизација на Пиринска Македонија и бугаризација на самата Република Македонија („политичкиот субјект Северна Македонија“). Тоа ќе резултира со целосно историско обезличување и делегитимирање на посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, односно на македонскиот идентитет. Ваквата дефиниција ја објаснува и декларацијата на Бугарија содржана во португалскиот предлог за непостоењето на македонскиот јазик како историска категорија.
Оттаму, станува разбирлив и историскиот контекст на следната точка.
Точка 3. Бугарското министерство го забележува како преземена обврска од страна на државните власти на „Република Северна Македонија“ иницирањето „процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзина територија поради бугарската самосвест“. Според Министерството, ова ќе претставува „историски гест“, што во суштина треба да ја дополни тезата за непостоењето на македонскиот народ, без посебна историја и продукт на југословенската идеологија, вештачки создаден преку репресиите врз дотогашните Бугари што биле принудени да се откажат од бугарската самосвест и да се декларираат како етнички Македонци.
Точка 4. Оваа точка го следи исполнувањето на преземените обврски од претходните точки, при што бугарското министерство бара договорената корекција на националниот наратив на „Република Северна Македонија“ да најде директна рефлексија и во новите наставни програми.

Во таа смисла, како договорена обврска на „Република Северна Македонија“ е забележано да ја „адаптира со Бугарија содржината на наставните програми со цел објективно одразување на заедничката историја“ утврдена како централен елемент во Преамбулата и членот 8:3 од Договорот за добрососедство, како и поради „елиминирањето на содржината што влева омраза кон Бугарија (чл. 11, ст . 6) . Оваа точка го следи и појаснувачкиот Меморандум доставен до земјите-членки на ЕУ во септември 2019 г., преточен и во Рамковната позиција на Владата од октомври 2019 г. (Митко Б. Панов, „Меморандумот на Бугарија како патоказ за самодеструкција на македонската нација“, Expres , 20.9.2021) . Во Позицијата на бугарското министерство, всушност, се артикулира и новата експресно донесена концепција за основно образование, со која се укинува предметот Историја како посебен, со што автоматски се ставаат ад-акта учебниците по историја и се менува историската содржина на националниот наратив. Усвоената наставна програма за четврто одделение сосема јасно покажува дека Концепцијата веќе продуцира денационализиран историски наратив на „граѓаните на Северна Македонија“, што создава простор за реализација на барањето на Бугарија (Митко Б. Панов, „За ревизорите на учебниците и цензорите на идентитетот: Quis custodiet ipsos custodes?!“, Еxpres , 23.5.2021). Aко се земе предвид дека самите историчари и експерти во мешаната комисија за историски и образовни прашања веќе прифатија официјално да не се самоидентификуваат како „македонски“, туку исклучиво како историчари „на Северна Македонија“, заземајќи цврста позиција за „денационализација“ на македонскиот национален наратив, станува сосема јасно што ќе подразбира исполнувањето на обврските од оваа точка во контекст на адаптирањето на наративот на „граѓаните на Северна Македонија“ со бугарскиот национален наратив за да ја „рефлектира заедничката историја“ (Митко Б. Панов, „Damnatio memoriae: Осуда на меморијата за македонската нација!, Expres , 31.1.2021). Како резултат на тоа, образовниот систем ќе продуцира нови генерации со стаклени очи, за кои минатото и македонската историја нема да имаат никакво значење, бидејќи ќе им остане безидентитетската историја на сегашната „Северна Македонија“ (Митко Б. Панов, „Стаклените очи на власта и креирање безидентитетска историја“, Expres , 14.2.2021 ).

Точка 5. Министерството во оваа точка бара да се реализира и договорената обврска „заедно со Бугарија да се идентификува отстранувањето табли и натписи на територијата на Република Северна Македонија што предизвикуваат омраза против Бугарија и Бугарите“. Во оваа точка повторно е земен историскиот контекст, што всушност ќе подразбира физичко отстранување на сите табли и натписи настанати за време и по Втората светска војна, во кои Бугарија е окарактеризирана како „окупаторска“ и „фашистичка“ власт. Чинот на отстранување на таблите и натписите, а кои го рефлектираат историското време на антифашистичката борба и историските одлуки на АСНОМ со кои е втемелена македонската државност, ќе ги потврди тезите на Бугарија дека таа всушност во 1941 г. ги „ослободила“ Македонија и тамошните окупирани „Бугари“, за по Втората светска војна, „Бугарите“ да потпаднат под власт на Југославија и насилно да станат Македонци. Тоа се тезите што ги содржат оваа и сите претходни точки, а што треба да најдат историска верификација со реализирањето на обврските прифатени од раководството на „Северна Македонија“ (МКД), со што и „загриженоста“ на Бугарија ќе биде надмината за да даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.
Петте точки на бугарското министерство покажуваат дека постигнувањето договор за „заедничка историја“ е клучно за која било власт во Бугарија, за историски да ја делегитимира посебноста на македонскиот народ, исклучувајќи ги со тоа и смислата и значењето на македонскиот идентитет. Тоа многу лесно го пренебрегна владејачката елита, како и членовите на Комисијата за историски и образовни прашања, кои согласувајќи се со ревидирањето на македонската национална историја преку „денационализирањето“ влегоа во политички ќор-сокак. Петте точки нудат решение за излегување од ќор-сокакот, со „решавањето“ на македонскиот народ преку неговото историско редефинирање. Тоа, во крајна линија, ќе значи целосно идентитетско обезличување и политичко декларирање на македонскиот идентитет за историски непостоен (Митко Б. Панов, „Ќе го ‘реши’ ли Зоран Заев и македонскиот народ?!, Expres , 29.11.2021).

(продолжува)

В понеделник: Илузија: Виртуелноста на македонскиот идентитет