Фото: Игор Бансколиев

Авиони на американското воено воздухопловство придружувани од воени авиони на Грција вчера го прелетаа македонското небо. Прелетувањето беше изведено во чест на македонското членство во НАТО. Авионите летаа по должината на реката Вардар, од правец на скопскиот аеродром.

– Денеска и на македонското небо можевме да видиме дека е точна тезата – ние сме НАТО. За жал, немавме можност среде пандемијата на коронавирусот да го прославиме нашето членство, меѓутоа, денешниот настан, заедничката координирана акција на нашата армија заедно со НАТО-командите, заедно со воздухопловните сили на САД, покажува дека интеграцијата не е само политичка туку е реална, воена и одбранбена – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Американските бомбардери полетале од Северна Дакота, САД, на 30-часовен непрекинат лет, а оперативниот центар на АРМ бил во постојаната комуникација и координација на летот.