Претседателот на партијата Сојуз на Ромите, Амди Бајрам, на прес-конференција пред новинарите рече дека останува во коалиција со СДСМ. Поради, како што рече, шпекулации во медиумите, дека ќе коалирал со ВМРО-ДПМНЕ, Бајрам изјави дека нема такво нешто и дека сè било лага.

– Чиста лага, ни преговарам, ни имам нешто со нив. Во коалиција сум со СДСМ и останувам со него и понатаму. Паролата на Сојузот на Ромите секогаш е дека сме со власта. „Титаник“ пропадна, па преминав на другиот брод – рече Бајрам.

На прашањето дали ако на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ, ќе премине во коалиција со нив, тој порача „за тоа – потоа, сега сум со СДСМ и му дадов поддршка на лидерот дека на избори одиме заедно. Останувам со СДСМ, било што било некогаш“, нагласи Бајрам.