Какви се и колкави се улогата и придонесот на нашите дипломатско-конзуларни претставници во напорот на нашата држава за справување со пандемијата? Како можат нашите амбасади и персоналот во нашите ДКП на чело со македонските амбасадори во овие услови подобро да одговорат на предизвиците на пандемијата за својата татковина, односно за потребите на нашите граѓани што престојуваат или живеат во странство?

Една дипломатска (амбасадорска) алка помалку во борбата со вирусот значи и помалку успешна битка против корона-кризата

Какви се и колкави се улогата и придонесот на нашите дипломатско-конзуларни претставници во напорот на нашата држава за справување со пандемијата? Како можат нашите амбасади и персоналот на нашите ДКП на чело со македонските амбасадори во овие услови подобро да одговорат на предизвиците на пандемијата за својата татковина, односно за потребите на нашите граѓани што престојуваат или живеат во странство?
Овие дилеми се актуализираа во домашната јавност во моменти кога се очигледни дипломатските активности на многу земји во Европа и во светот за да обезбедат за својата земја и за своите граѓани медицинска опрема, стручен лекарски персонал, логистика, лекови и сл. за да може што поуспешно да се амортизира корона-кризата во сопствените земји. И не само од медицински аспект, туку амбасадите се ангажирани и во наоѓање економско-финансиски аранжмани за да се преброди кризата и ваквиот економски, мошне чувствителен аспект на пандемијата.
А како стојат работите кај нас, во нашите дипломатско-конзуларни претставништва? Имено, сѐ уште е активен процесот за поставување македонски амбасадори во САД, Русија, Кина, Израел, но и во седум европски земји што во моментов се без амбасадори или функционираат, односно се пополнет само со вршители на должност од дипломати од понизок ранг.
Исклучително битни елементи на работата на дипломатите (па и на македонските), во овие времиња кога меѓународната дипломатија функционира во сенката на пандемијата, се всушност приоритетите што произлегуваат од корона-кризата.

На пример, тоа можеше да се препознае во напорите и активностите за набавка на медицинска опрема за Македонија, но уште поважно за „прибирањето на нашите граѓани во својата земја, а кои беа заглавени низ светот“. Но исто така и за решавањето на статусот на нашите сограѓани што привремено престојуваат и работат надвор од својата татковина. Примерот со нашите граѓани во Малта што останаа привремено „заглавени“ во странство, кој имаше среќен крај, покажа колку е битно да се има проактивна дипломатија во редовни услови, а уште повеќе во услови на криза.
Во сублимиран заклучок, дипломатите со кои се консултиравме за актуелните случувања велат дека во овие моменти огромна е важноста нашата земја да има свои амбасади во влијателните и моќни европски и светски држави. Тие појаснуваат дека користа од дипломатите што земјата ги деташира во поединечни земји и центри е повеќеслојна. Токму во време кога светот се справува со пандемијата, амбасадорите би можеле значајно да помогнат во забрзување на процесот за добивање или набавка на медицинска опрема и лекови против ковид-19. Во истиот контекст, тие битно можат да помогнат во подобрување на релациите со странските држави од економско-финансиски или трговски аспект, а секако и со давање услуги на нашите граѓани што престојуваат или живеат таму.

Љупчо Арсовски, македонскиот дипломат и амбасадор што бил акредитиран во повеќе европски земји, вели дека во овие исклучително тешки времиња, од круцијална важност за државата е да имаме свои амбасадори во државите каде што се води медицинската војна за совладување на ковид-19.
Според Арсовски, значењето на професионалните дипломати од кариера е непроценливо и испразнетите позиции во земји како САД, Русија, Кина, Израел, но и во многуте европски земји треба што поскоро да се пополнат.
За дипломатот е несфатливо зошто толку долго трае процесот на поставување на правите луѓе во амбасадите и зошто толку долго партиите не можат да се договорат за имињата, кога оваа коалиција е веќе на власт со втор мандат.
– Колку е битно Македонија да има свои амбасадори во странство, за споредба можам да истакнам еден мој личен случај од пред повеќе од десетина години. Во слична лоша состојба со сезонскиот грип, на земјата ѝ беа потребни во најбрз можен рок вакцини за да се заштити нашето население од критичните категории. Откога ја добив информацијата од тогашното МНР, јас веднаш исконтактирав со властите во Романија, каде што бев поставен за амбасадор. Тие многу експресно и брзо и дури врз основа на донација нам ни доделија огромни количества вакцини, неопходни да се реши тогашниот македонски проблем на медицинските власти – вели Арсовски.
Па од тука, според него, состојбите не се ништо поразлични ни сега, дури се и поалармантни од минатото.

Дополнително, вели дипломатот, освен од медицинска природа амбасадите во клучните држави што сега дејствуваат без прв човек, треба да се активни и на повеќе полиња, а тоа значи зголемен и привремен ангажман за задоволување на барањата за услуги на нашите граѓани таму што во моментов е несекојдневен, но и зголемен ангажман во лобирање за забрзување на членството во ЕУ.
– Ако се знаат овие работи, кога ќе се поставуваат новите амбасадори, треба да се изберат луѓе што имаат т.н. „километража“ во дипломатијата и во раководење со одговорни функции. Да се избегне поставување непрофесионални кадри врз основа на национална припадност и врз основа на несоодветна професионална и кариерна заднина – вели Арсовски.
Според него, колку подолго немаме професионалци на исклучително битните амбасади во ова време, толку повеќе тоа кон светот испраќа порака дека нашите кадри се партократски и во нив нема реален квалитет за работење.
Слично размислува и поранешниот амбасадор Огнен Малевски, кој вели дека треба да се забрза процесот на државата во актуелната дистрибуција на амбасадори, особено во време кога се справуваме со кризата поради пандемијата.

Но Малевски вели дека дури и да нема криза, оваа состојба неминовно експресно мора да се реши, не само поради користа што може да ја има државата од професионалните дипломати во овие земји туку и поради фактот што на овој начин не сме ја исполниле формалната обврска со државата со која сме потпишале договор за воспоставување дипломатски односи.
– Овие договори формално подразбираат меѓусебно распоредување на дипломатските мисии меѓу државите што воспоставуваат меѓусебни релации. Од таа точка ако во една амбасада немаме амбасадор или имаме вршител на должноста, за нас праќа порака дека формалноправно не сме го испочитувале договореното – вели Малевски.
Тој сепак додава дека досега никој не реагирал на овие состојби бидејќи знае дека нашите дејствувања на ова поле не се тенденциозни, туку дека станува збор за политички заглавен процес за избор на амбасадори.
– Во однос на наоѓање решение за проблемите со пандемијата, амбасадорот има многу специфично место во релјефот на дејствувањето на државата. Да не беа потребни амбасадорите како инструмент на земјата, поразвиените земји немаше воопшто да упатуваат свои амбасадори во странските држави или меѓународни организации.

Некогаш потребата за амбасадори оди дотаму во развиените земји, што тие имаат еден поставен амбасадор и дополнителни двајца или тројца помошник-амбасадори во одредена локација во меѓународната политика. Таков е на пример случајот со амбасадорите на САД во ООН. Тие имаат еден резидентен амбасадор и повеќе негови помошници – вели тој.
Според Малевски, од тука може да се разбере итноста за спроведување на овој процес за Македонија.