Од Кина во јавноста пристигнаа информации што предизвикаа полемика со тврдењата дека тамошните виролози откриле ковид-19 во пакувањата на увозни прехранбени производи

Контроверзии за можностите за пренесување на коронавирусот

Кина последниве денови ги заостри контролите врз увезената амбалажа за храна, бидејќи постуденото време носи нов бран на коронавирусни инфекции во неколку прекуокеански земји, изјавија неодамна кинески официјални претставници. Како што пренесува Асошиејтед прес (АП), ставот на Националниот центар за процена на ризик во секторот за безбедност на храната е дека амбалажата „не е изземена“ од пренесување на вирусот.
– Иако стапката на позитивните резултати од тестирањето на пакувањата беше само 0,48 од 10.000, тој процент се зголемува со бројот на тестови што се спроведуваат – истакна Ли Нинг, заменик-директор при овој центар.
Како што се наведува, вирусот може на некој начин да премине од амбалажата на луѓето, но се додава дека ниту Ли ниту другите официјални лица што присуствувале на прес-конференцијата не спомнале дека имало потврдени случаи.
Според она што е истакнато, кинеското тестирање врз амбалажата предизвика контроверзии. Извозниците на замрзнати прехранбени производи сметаат дека станува збор за нелојални трговски бариери. Од друга страна, пак, Кина ја брани ваквата постапка со поголемата претпазливост, наведувајќи дека ова се дополнителни мерки за спречување и ширење на вирусот.

Благодарение на ригорозната стратегија, оваа земја во голема мера успеа да го исконтролира локалното пренесување на вирусот, а медиумите известуваат дека сите нови, и тоа малобројни случаи, се – увезени.
Занг Лиубо од кинескиот центар за контрола на болести рече дека е познато оти коронавирусот е постабилен во поладни и суви услови, а дека дезинфицирањето на амбалажата при температури на замрзнување е посебен предизвик.
Дури и кога дезинфекцијата ќе успее и вирусот веќе не е активен, остатоците може да останат на пакувањето, што доведува до позитивен тест.
– Сепак, досега не се откриени никакви инфекции предизвикани од директната потрошувачка на производите од овој „ладен синџир“ – истакна тој.
Иако експертите веќе долго време укажуваат дека вирусот може да преживее извесно време на картонска или пластична амбалажа, по ваквите информации останува нејасно колку е сериозен ризикот од пренесување на овој начин. Науката се согласува дека ова не претставува сериозен здравствен ризик.
Поради позитивниот корона-тест, Кина неодамна го забрани, на една недела, увозот на замрзнати ракчиња од еквадорска компанија, што е само еден случај во континуирана серија на такви привремени забрани.

Во последно време, пилешкото и говедското месо и морската храна од некои земји се блокирани поради истата причина, а прехранбените производи сега пристигнуваат во некои супермаркети во Пекинг со етикети“без корона“. Всушност, производот има кју-ар код што е поврзан со негативен резултат од тестот на амбалажата на ковид-19.
Трговските партнери, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Нов Зеланд, Канада и ЕУ, побараа посилни докази дека нивните производи го носат вирусот, додека Соединетите Американски Држави ги карактеризираат ваквите активности како нефер трговски бариери. Сепак, кинеските власти соопштија дека во нивната земја животот и заштитата на здравјето на луѓето се на прво место. Во писмото што беше испратено до АП, Светската здравствена организација наведува дека случаите на наоѓање живи вируси во пакувањето се „ретки и изолирани“.

Иако вирусот може да преживее долго време во ладен синџир за складирање и транспорт на производи, сѐ уште нема докази дека луѓето се заразиле со ковид-19 со консумирање храна.
Виролозите сметаат дека можноста од пренесување на вирусот преку пакување е минимална, но сепак може да претставува одреден ризик. Како што истакнуваат, позитивниот тест не покажува дека вирусот е заразен, туку само дека е присутен на одредена површина, како и дека нема убедливи податоци што би укажале на позначителен ризик од пренесување на ковид-19 преку пакувана храна.