Алијанса за Албанците и Алтернатива не го прифаќаат одложувањето на теренското попишување, истканаа лидерите на двете опозициски партии, Зијадин Села и Африм Гаши, на денешната  прес-конференција во Собранието, најавувајќи дека нивните 12 пратеници ќе гласаат против промена на законот за попис. Теренското попишување е одложено за 5 септември откако беше предвидено да почне на 1 април.

– Имаме механизам преку Баденетеровото мнозинство да спречиме промена или одложување на законот за попис. Пописот треба да продолжи, не треба да се одложува. Аргументите поврзани со пандемијата не држат, бидејќи процесот на попишување не е поразличен од прес-конференцијата што денеска ја имаме тука – истакна Села, повикувајќи ги попишувачите да продолжат со своите задолженија.

Гаши додаде дека ќе ги искористат сите средства за продолжување на процесот на попис.

– Ќе ги искористиме сите средства и се што е во наша моќ за овој процес да продолжи. Пописот не треба да се политизира, туку треба да знаеме колку сме и врз основа на тоа да се носат одлуки – порача Гаши.

Премиерот Зоран Заев најави дека утре ќе има средба со Алијанса на Албанците и Алтернатива на која ќе се разговара за повеќе прашања, но Гаши истакна дека тие досега не добиле покана за средба.