Тесната и силна соработка меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не запре, така како што ДУИ и претседателот на Собранието, Талат Џафери, одбија да му се одземе имунитетот на осомничениот Трајко Велјановски за случајот 27 април. Исто така, оваа коалиција станува уште поизразена дури и во најслабата алка на нашето општество, како што е судството, се вели во соопштението од Алијансата за Албанците.

– Конкретен пример за оваа судска коалиција меѓу ВМРО и ДУИ е неодамнешниот случај за избор на членови на Судски совет каде што блискиот кандидат на ДУИ, Селим Адеми, беше избран експресно од Комисијата за избори и именувања целосно поддржан од сопствените пратеници на ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Значи се избра по втор пат за истата позиција? Се поставува прашањето какви реформи можат да очекуваат граѓаните од Судскиот совет, кој требаше првин да се реформира, за потоа да го реформира судскиот систем. Што можеме да очекуваме од овој Совет кој станува алатка на власта за избирање на партиски судии и претседатели на судови од списоците на партиските канцеларии, наместо од независни судии и претседатели на судови – се наведува во партиското соопштение.

Алијансата за Албанците јавно побара итно да се започне со ветинг за да се ослободи судството од, како што велат, влијанието на законодавната и извршната власт и од партиските окупации.

Портпаролот на партијата, Флакрон Беџети, истакна и дека Алијансата за Албанците води разговори за предизборно коалиционирање со Движењето БЕСА и со Алтернатива, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.