Инсистирањето на реализација на проектот за пругата, кој земјава би ја чинел повеќе од половина милијарда евра, како услов за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, не може да се разбере никако поинаку, освен како блед изговор на официјална Софија да ги оправда другите свои нерационални барања кон Македонија, кои и за меѓународната заедница се неразбирливи и неприфатливи

КОГА БЛОКАТОРОТ ГОВОРИ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКО ПОВРЗУВАЊЕ

Бугарија го блокираше почетокот на преговарачкиот процес на Македонија со Европската Унија, а еден од аргументите со кои ја оправдува својата постапка е и застојот на изградбата на Коридорот 8 и на други инфраструктурни проекти со кои земјава би требало да се поврзе со Бугарија, иако тоа воопшто не се споменува како европски критериум.
– Tреба да се забрзаат инфраструктурните проекти, како Коридорот 8, особено во делот за железничко поврзување – рече бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, појаснувајќи ја пред бугарските пратеници една од причините за блокадата на евроинтеграциите на Македонија.
Несомнено железничкото поврзување на земјава со Бугарија доцни, односно пругата до бугарската граница се гради речиси 30 години, но ниту од бугарска страна таа не е доправена, без оглед што до границата има само неколку километри. Оттаму во најмала рака звучи изненадувачки Бугарија да говори за железничкото поврзување кога самата таа нема направени ништо во таа насока.
Инсистирањето на реализација на проект што Македонија би ја чинел повеќе од половина милијарда евра, како еден од условите за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, не може да се разбере никако поинаку, освен како обид на официјална Софија да се оправда за она на што навистина инсистира, а тоа е прифаќање на заедничка (бугарска) историја, на бугарско потекло на Македонците, како и на нивниот јазик.

Под превезот на овие ирационални барања се протнува тезата дека Македонија наводно го прекршува Договорот за добрососедство затоа што не ги гради пругата и другите инфраструктурни проекти кон Бугарија.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека продолжуваат активностите во делот на железничкото поврзување со Бугарија по должината на Коридорот 8 и дека тоа ќе биде најприоритетно за 2021 година, а процените на студиите за оправданост се дека тоа би ја чинело земјава најмалку 600 милиони евра.
– Само за втората и третата делница имаме 91 мост што треба да бидат изградени и 32 тунели на оваа пруга. Самиот граничен премин се наоѓа во тунел. Станува збор за тежок и комплексен проект – појаснува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, притоа додавајќи дека се инвестирало и на обнова на повеќе патни правци што водат кон Бугарија.
Некои од граѓаните сметаат дека Бугарија ќе измисли еден куп работи само да ја блокира Македонија.
– Тоа со пругата сега што го кажуваат Бугарите е само изговор оти нè блокираа. Таа пруга 30 години не била изградена, нема ниту сега да се изгради. Теренот е многу лош и непристапен. Се сеќавам на една анегдота што вели дека кога првпат влегле Германците по окупацијата за време на војната, дошле со конвојот до Крива Паланка и застанале, мислеле дека тука е крајот на светот. Така и со пругата, треба мостови, тунели, сето тоа чини пари. Нивна единствена цел е да нема македонски народ, сите да се пишеме Бугари. Ни пруга, ни автопатишта, ни ништо – вели Пеце Митриќевски, пензионер.

Слично размислуваат и некои од познавачите на состојбите во инфраструктурата, кои велат дека бугарското условување на Македонија за застојот во изградбата на железницата по должината на Коридорот 8 е само алиби на официјална Софија да најде некаков изговор за причините за блокадата што никој не ја разбира.
– Пругата кон Бугарија да беше изградена пред 20 или 25 години ќе имаше големо економско значење за Македонија. Сега во овој момент градењето на пругата повеќе е политички отколку економски проект затоа што тековите на сообраќајот и стоката се променија по влезот на Бугарија и на Романија во ЕУ. Таму се воспоставија други коридори на сообраќај, така што овој коридор исток – запад не е толку атрактивен и нема толку голема побарувачка за транспорт на стока – вели Дејан Трпевски, претставник на „Локо транс“ во Македонија.
Според него, изградбата на пругата единствено би можела да има ефект ако во иднина дојде до некакви блокади од соседите.

– Корист би било што ние добиваме излез и на второ пристаниште, така што ако Грција утре стави какво било ембарго, ќе може да се вози преку Бургас или Варна, ако од Бугарија има блокада, ќе се вози преку Грција. Искрено, не верувам дека ќе имаме некакви економски бенефиции бидејќи со Бугарија и немаме толкав голем обем на превоз што би можел да оди со железница – смета Трпевски.
Тој додава дека со инсистирањето на изградбата на железницата Бугарија бара изговор да го оправда ветото што за странците е неразбирливо.
– Бугарите се најдоа под меѓународен притисок и бараат разни изговори да го оправдаат ветото. Повеќе е прашање на политика и надмудрување помеѓу политичарите отколку што таа железница ѝ треба на Бугарија. Бугарите се задоволни со она што го имаат, поврзани се со Србија, главниот тек од Турција преку Бугарија оди за Србија. Обемот на железничкиот превоз е далеку од економската исплатливост за изградба на пругата – појаснува Трпевски.