Исаија Мажовски (лево)

Македонско-албанската револуционерна лига дејствувала и во Албанија и во Македонија. Во прогласот објавен на албански, меѓу другото, се нагласува: „По многу обиди што ги преземаме за да ѝ помогнеме на нашата татковина Албанија, ние разбравме дека има само едно средство за да се постигне победата. Тоа средство е обединување со нашите блиски Македонци за ослободување на нашата древна страдалничка татковина. Во Албанија нека наредуваат Албанците, во Македонија – Македонците!“

Историски документи за зaeдничкa макeдoнскo-aлбaнскa aкциja „зa слoбoдa и нeзaвиснoст нa двeтe зeмjи – Maкeдoниja и Aлбaниja“

Во историјата постојат многу примери за македонско-албанска соработка, а меѓу нив, секако, е и македонско-албанското пријателство и врски што ги одржувал Исаија Мажовски од Лазарополе, кој имал воспоставено трајни пријателски контакти со албанските патриоти. Тој е еден од најекспонираните дејци на Македонско-албанската револуционерна лига од 1887 година, која издала и проглас за повик на соработка со албанското население во борбата за ослободување од османлиската власт. Според историчарката проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја, чија специјалност се македонско-албанските односи, македонското и албанското население во минатото, со исклучок на Втората светска војна и терористичкиот упад во 2001 година, речиси секогаш се сплотувале и заеднички се бореле за ослободување од агресорите и окупаторите. Но штом била прогласена независноста на албанската државата во 1912 година, односот почнал видно да се менува. Во 1887 година, Исаија Мажовски во Букурешт го инфoрмирa рускиот дипломат Михаил Александрович Хитрoвo за зaeдничкaтa макeдoнскo-aлбaнскa aкциja „зa слoбoдa и нeзaвиснoст нa двeтe зeмjи – Maкeдoниja и Aлбaниja“. Подоцна, во 1901 година, свесен за опструкциите на „братските“ словенски држави, Србија и Бугарија, Мажовски му прeдлaгa на Бoрис Сaрaфoв „дa сe oпрeдeлaт макeдoнски дeлeгaти штo ќe зaминaт вo ситe гoлeми држaви зa дa рaбoтат врз прoглaсувaњето нa сaмoстojнoстa нa пoрoбeнaтa и измaчeнa Maкeдoниja“. Тој посебно бара да се испратат делегати вo Русиja, „зaштo Србитe дeнoнoќнo рaбoтат и нaстojувaaт вo Пeтeрбург дa нѐ прикaжaт како стaрo-Срби“. Меѓутоа, Сaрaфoв му oдгoвoрил дeкa „тиe имaaт oдeнo вo Русиja, нo тaa нe сaкa ни дa чуe зa Maкeдoниja“.

Македонија и Албанија нема да бидат жариште на непријателства!

Во 1903 година, Мажовски гo пoмaгa вoстaниeтo вo Maкeдoниja, a пo Уриeтот во 1908 година, oднoвo пaтувa вo Aлбaниja зa дa oргaнизирa зaeдничкa aнтиуриeтскa aкциja. Но да се вратиме на крајот на 19 век и на македонско-албанските односи. Во 1888 година бил формиран Албанско-македонски одбор, со цел Македонците и Албанците заеднички да се борат за остварување на своите ослободителни стремежи. Пет години подоцна, во Лондон бил направен обид за формирање заедничка лига, како нов момент во развојот на македонско-албанските односи. Оваа лига, за разлика од претходната, била именувана како „Национално-централно албанско-македонска лига“. Кон крајот на 1898 година, во Атина било формирано друштвото „Албано-македонски силогос“. Македонско-албанската соработка во Софија се одвивала на дневна основа, а од неа произлегол и еден предлог-проект со 23 точки од 23 февруари 1899 година за автономија на Македонија и на Албанија. Во 1902 година „Националната македонско-албанска лига“ од Лондон ја интензивирала својата работа, а нејзиниот Извршен комитет издал проглас или апел, кој од активистите на Лигата – Стеван Дамчев и Јашар-бег – бил дистрибуиран во места населени со Албанци и со Македонци. Лигата подготвила проект за автономија на Македонија и на Албанија составен од 12 члена. На 10 мај 1902 година, излегол првиот број на органот на Лигата, „Л’Аутономие“. Весникот излегувал двапати месечно, со слоганот Македонија на Македонците, Албанија на Албанците. Според програмата на Лигата, нејзина „цел е добивање автономија на Албанија и на Македонија, и формирање царинска унија на сите соседни мали земји Црна Гора, Србија, Бугарија и Грција… Македонија и Албанија нема да бидат постојано жариште на непријателства туку извор на богатство, на богата економија…“ Македонско-албанската соработка продолжува и во 1904 година, кога во Виена било формирано Хуманитарно албанско-македонско друштво. Потписници на основачкиот акт на друштвото се Цветко Х. Фортуниќ, Хил Моси и Петер Каранфилов. При основањето било објаснето дека „друштвото ниту претставува некаква австриска политика, ниту, пак, е некое политичко дело, туку едно хуманитарно друштво, кое со политиката е поврзано само толку што е против секаква политика“. Во Виена, во јуни 1908 година, бил формиран таканаречен Албанско-македонски комитет. Комитетот бил раководен од влијателни личности, како што биле грофот Александар Икономов и Ѓерѓ Пекмези. Пред почетокот на Втората балканска војна, во јуни 1913 година, Јане Сандански, заедно со Стоју Хаџиев, заминал во мисија во Албанија со цел да преговара со албанските раководители за заедничко дејствување во случај на нова војна, овој пат, меѓу сојузниците.

„Има само едно средство за победа на Албанците – обединување со нашите блиски Македонци!“

Во извештај на Сретен Драшкиќ, кој во 1939 година работел во италијанскиот отсек при Министерството за надворешни работи на Кралството Југославија, па имал можност да ги чита сите шифрирани извештаи што доаѓале од југословенската амбасада во Рим, но да има и увид во архивата на отсекот, стои дека со одлуките на Конференцијата на амбасадорите на Велика Британија, Франција, Италија и на Јапонија, одржана во Париз на 9 ноември 1921 година, „дефинитивно е решено албанското прашање и во однос на правниот статус и во однос на нејзините граници“. Во истата архива можеле да се најдат и анализи за дејствувањето на одредени револуционерни движење во тој дел на Балканот, а меѓу другото и за заедничката борба на македонскиот и на албанскиот народ за слобода: „Поради водење заедничка борба против Турците, но и против ’освојувачките претензии на другите балкански народи’, македонските и албанските емигранти во 1887 година основаа во Софија револуционерна македонско-албанска лига. Лигата преку Исаија Мажовски од Лазарополе објави проглас на македонски и на албански јазик, а потоа и апел со кој бара автономија за Македонија и Албанија“, пишува Драшкиќ во својата книга „Европа и албанското прашање од 1830 до 1921 година“. Македонско-албанската револуционерна лига дејствувала во Албанија и во Македонија, а во прогласот објавен на албански, меѓу другото, се нагласува: „По многу обиди што ги преземаме за да ѝ помогнеме на нашата татковина Албанија, ние разбравме дека има само едно средство за да се постигне победата. Тоа средство е обединување со нашите блиски Македонци за ослободување на нашата древна страдалничка татковина. Во Албанија нека наредуваат Албанците, во Македонија – Македонците!“ Подоцна, на 10 ноември 1898 година, и „Албанско-македонската лига“ од Лондон објавила проглас, познат како „Проглас на Национално-централната албанско-македонска лига“, во кој стои дека „целта на прогласот е да се осветли пред европскиот свет суштината на албанско-македонското прашање, кое го привлече вниманието на Европа и кое изгледа во најскоро време ќе даде сериозни причини за возбуденост“.
„Нашата лига верува дека исполнува една висока должност, поставувајќи го албанско-македонското прашање во неговите историски рамки, истакнувајќи го единственото можно разрешување за народите, преку делото што го претставуваме… Бидејќи сега имаме причини да веруваме дека настапи критичното време во историјата на нашето движење, ние се чувствуваме повикани да ја соопштиме нашата програма… Нашата цел е следнава: Добивање независност (и автономија) на Албанија и Македонија; создавање на една самостојна конфедеративна држава во која ќе влезат сите народи што се во овие области, без разлика на име, вера и јазик; силно спротивставување на сите посегања, кои се опасни за делото на албанско-македонската независност; спречување на секое мешање на која и да е голема или мала сила, која под превезот на симпатија би се стремела да ги спроведе своите егоистички цели. Лигата ги осудува како штетни за интересите на Албанија и Македонија сите сугестии или предлози за раздробување на земјата… И обете овие земји ја прифатија и ја одобрија нашата програма и се готови да дејствуваат во согласност со тие принципи“.

Во последниве неколку години не само што не постои никаква иницијатива за заедничко дејствување, туку постои платформа потпишана во Албанија, со која се постави ултиматум до Македонците дека ако не прифатат сами да си ја уништат Македонија, тогаш тоа ќе го направат Албанците. Платформата што веќе во најголем дел е спроведена – останува само федерализацијата – од првата до последната точка е проект против Македонија и македонскиот народ и, освен извесниот бостанџија на власт, нема друг човек што би можел да ја прифати и реализира уништувајќи ја Република Македонија. По балистичката епизода од Втората светска војна, по подмолниот оружен десант извршен во 2001 година, платформата за самоуништување на Македонија е само трет обид во последниве седумдесет години Албанците и Македонците да бидат на две жестоко спротивставени страни. Во историјата обично биле на една, борејќи се против заедничките непријатели, или како што се вели во лондонскиот документ на „Национално-централната албанско-македонска лига“ од 1898 година „за да ѝ помогнеме на нашата татковина Албанија, ние разбравме дека има само едно средство – обединување со нашите блиски Македонци…!“


Говор на Исаија Мажовски од 18 јули 1888 година
Кој ќе ги распрсне темните и мрачни облаци со кои е обвиена поробена Македонија?

Како национален преродбеник и мисионер, поборник на идејата за автономна Македонија и борец против турското политичко и грчкото духовно ропство, Исаија Мажовски на 18 јули 1888 година на паробродот „Рицар“, пловејќи по Днепар, во близината на Киев, одржал говор за Македонија и македонскиот народ: „Браќа руски Словени, Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е во Македонија… Ние кутрите турски робови, македонските Словени, деноноќно го молиме севишниот Господ и нашиот спасител Исус Христос да му даде здравје и долг живот на Негово величество рускиот император единствениот силен заштитник на сите словенски народи, ние го молиме Бога да му даде здравје и долговечност на целото руско возвишено царско семејство, ние го молиме Бога да му даде живот и здравје на целиот руски православен народ, ние несреќните сакаме да задува рускиот силен ветар и ние го молиме Бога да им подари сила и крепкост на руските храбри орли, да летнат во воздух и ја покријат цела Македонија, да ги претераат лутите змии и беспоштедните ѕверови, за да ги скршат вековните тешки железни пранги, да ја ослободат вековната турска робинка Македонија…“

Пишува: Блаже Миневски