Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека копјата се кршат околу тоа какви сценарија се можни во следните денови, стравотен е импактот на економско-финансиската и социјалната страна врз компаниите и граѓаните. Без јасна визија и политики, економските оператори и граѓаните се како во темница, непредвидливоста на економскиот амбиент расте и тие повеќе не знаат како ќе се справат со најавената криза… Дали ќе има доволно струја за производствените процеси и за граѓаните, дали ќе има нови затворања, финансиска помош, дали ќе се оди на нови избори, така што сигурно е дека само овој турбулентен период ќе остави последици врз економијата, која и онака, погодена од пандемијата, бележи минусни резултати…

Одолжувањата по која било основа се опција за продолжување на економската агонија

Политичката драма што се случува во земјава изминативе денови повеќе никој не знае како да ја дефинира, дали како нова политичка криза, излез од постојната криза или, пак, класична политичка мижитатара-игра од страна на политичарите со граѓаните и државата, во неможност да им се понудат вистински решенија што ќе го подобрат нивниот живот.

Како поинаку би се сфатила какофонијата од изјави изминатиот викенд, од тоа дека е постигнат договор за ново мнозинство во Собранието, до повлекување на дел од потписите затоа што некој не бил информиран која партија партиципира во тоа мнозинство, дали станува збор за нова коалиција за формирање влада, или само за коалиција за уривање на актуелната влада, сето тоа зачинето со вербална оставка на премиерот, која никако написмено да стигне во парламентот. Ако на ова се придодаде и непрекинатото функционирање на „трансфер-листата“ на пратениците, кои секогаш се расположени за „добра мотивација“ да прејдат од еден во друг табор, и новите воинствени изјави за некакви чизми по таваните, тогаш станува јасно дека македонските граѓани три децении се затворени во еден „Макверсум“ од кој излезот сѐ уште е далеку.
Во една таква конфузна ситуација само едно е сигурно – дека во моментот отсуствува цврста конзистентна политика што осветлува предвидлива патека, по која граѓаните би можеле да се движат и да останат колку-толку смирени пред тешките предизвици што ја очекуваат земјава во следниот период, како здравствената, економската и енергетската криза.
Додека во меѓувреме копјата се кршат околу тоа какви сценарија се можни во следните денови, стравуваат и компаниите, фирмите (големи, средни, мали и микро), кои повеќе не знаат како ќе се справат со најавената криза, дали ќе има доволно струја за производствените процеси, дали ќе има нови затворања, финансиска помош, така што единствено сигурно е дека овој турбулентен период ќе остави тешки последици врз економијата, која и онака, погодена од пандемијата, бележи минусни резултати.

Сето ова говори дека на македонската политичка сцена подолг период владее една акутна политичка анемија без храбри политичари и визија, кои ќе се зафатат со решавање на крупните проблеми што се од интерес за граѓаните, туку сите еквилибристики се прават само поради некаков интерес на потесна каста, без да се видат поголемата слика и интересот на граѓаните, јавниот интерес, односно националниот и државниот.
Професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски смета дека за излез од кризата се потребни храброст и решителност.
– Потребни се кураж и одлучност. Македонија, според моето мислење, и понатаму е во бездна. Меѓутоа, од друга страна, како да почнува да се наѕира/насетува можноста (но, само можноста!) од бездна да се премине во провалија. Тоа значи, да се прекине со бесконечното паѓање сѐ подолу и подолу, својствено за бездната, за она што нема дно и кое, според тоа, ниту има каков било крај, и да почне се наѕира некакво дно, некаков крај, што е својствено за провалијата, која колку и да е длабока, а паѓањето долго, на крајот, и покрај сѐ, завршува со некаков крај, како неопходен услов за нов почеток – наведува Цуцуловски.
Тој уште еднаш се наврати на ставот што и во минатото го застапувал, а кој сега низ актуелните случувања повторно се потврдува.
– Живееме во едно болно општество и неговата болест произлегува не само од страна на власта туку и од опозицијата, бидејќи ако имате добро организирана, смислено организирана опозиција што точно знае што сака и со какви мерки мисли да се бори за да дојде до власт, што не би требало да изненадува бидејќи секоја партија постои за да дојде на власт и тоа е во нејзината природа, ако не постои таква опозиција, тогаш е јасно дека оние што се на власт ќе можат да се однесуваат многу комотно како и што се однесуваат, да не понесуваат или понесуваат каква било одговорност, а уште помалку самите да поднесат барање за оставка – е ставот на кој се навраќа професорот Цуцуловски.
Аналитичарот и социолог Илија Ацевски е на мислење дека со ваквите политички турбуленции им се нанесува психолошки удар на граѓаните.
– Од ваквото однесување на нашите политичари не само што трпи државата туку тоа е и психолошки удар врз граѓаните. Замислете само еден обичен човек, кој живее од својата работа, се труди, а барем 70 отсто се такви во Македонија, кога ќе ги слушне нашиве политичари од кои очекува да му дадат некаква перспектива, иднина, да го охрабрат, како се натегаат и надмудруваат без некаков конкретен епилог, тоа го доживува како голем удар за себе – вели Ацевски.

Преку неговата социолошка стручност, тој ја наметнува дилемата што воопшто значи зборот „политичар“ кај нас, односно дали политичарите се главните виновници што ја доведуваат државата во некаква состојба што тешко може да се дефинира.
– Најголем дел од тие луѓе како политичари многу добро знаат дека политиката е поле каде што можат да заработат многу пари за кратко време. Сега и едните и другите како да ги фати некаква „треска“, па едниот вели ќе поднесам оставка, па никаде ја нема таа оставка, другиот вели имам мнозинство, но каде е и тоа мнозинство. Не знам дали на некое друго место во светот постои вакво нешто – истакнува Ацевски.
Негово мислење е дека ова ќе има сериозни последици и врз економијата и дека мора во најкраток рок да се најде излез од целата ситуација.
– Мора во најкраток рок да се формира стабилна влада. Ова сега е еден вид „клацкање“. Ако продолжи вака, ќе има сериозни последици врз економијата. Не се носат закони, нема одлуки, никој не сноси одговорност, сите се тргаат на страна… Ова што сега му се прави на народот е како мајтапење. Ако само се мајтапат, лично им се поклонувам и ќе преживееме некако, ама ако го прават тоа со некаква цел, е тогаш нема спас – категоричен е Ацевски.
Според него, кај нас недостигаат авторитетни политичари што ќе носат храбри одлуки и на кои народот ќе им верува.
– Без такви политичари, нема напред и затоа ќе ни се случува овој политички театар – заклучува Ацевски.