Ова е најопштата дефиниција за вложување (или инвестиција) на финансиските пазари. Имено, токму преку финансискиот пазар се врши алокација на акумулацијата, за таа најефикасно да се употреби. Така, субјектите на кои им недостигаат средства доаѓаат до пари неопходни за финансирање на своето работење. Субјектите што располагаат со вишок средства им ги ставаат на располагање на оние што им се наоѓаат во зоната на интерес. Во таквиот контекст, отворањето на темата за финансирањето на политичките партии секогаш наведува на дилемата дали тоа е „инвестиција во зацврстување на клиентелизмот во политиката“ или „инвестиција во насока на партиската демократизација“?!

Политичките партии како да се субјекти на финансискиот пазар, а не на политичкиот

По завршувањето на изборните процеси треба да се поднесат сметки – и тоа не само политички туку и сосема конкретни финансиски за приходите и расходите на партиите во битката за освојување на довербата на гласачите. Приближно една недела по одржувањето на парламентарните избори на 15 јули, Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги објави извештаите на политичките партии за вкупните приходи од примени донации на трансакциските сметки за финансирање на изборната кампања. Односно, првично се објавени извештаите на партиите што освоија мандати во новиот парламентарен состав. Партиите доставувале по два извештаи, едниот од денот на отворање на трансакциската сметка до крајот на десеттиот ден од изборната кампања, а вториот од единаесеттиот ден од изборната кампања до нејзиното завршување.
Според приложените извештаи, вкупните приходи по основа на донации за изборната кампања на коалицијата „Обнова“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изнесувале 33 милиони денари (538.000 евра). Во најголем дел станува збор за донации од физички лица, но има и неколку правни субјекти. Всушност, партијата во перидот од отварањето на трансакциската сметка за изборната кампања до 12 јули добила донации од 477 физички лица и неколку компании.

Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, за предвремените парламентарни избори во 2020 година имала вкупни приходи од донации во износ од 14,2 милиони денари, или околу 231.000 евра, покажуваат партиските извештаи за примени донации на трансакциска сметка за финансирање на изборната кампања што ги објави Државниот завод за ревизија. На сметката за изборната кампања се регистрирани нешто повеќе од 1.000 донации, со тоа што некои лица неколкупати се јавуваат како донатори. Донациите се движат од 1.000 денари до 180.000 илјади денари по лице.
Потоа, следува ДУИ, која имала вкупни приходи од донации за изборната кампања од 4,5 милиони денари (74.000 евра). Демократската партија на Албанците (ДПА) од донации остварила приходи од милион денари, или околу 16.700 евра, а како донатори се јавуваат само 14 лица. Забележително кај извештаите на Левица и коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива е дека само по едно лице донирало пари за изборната кампања. Сепак, Левица на сметката за изборната кампања префрлила средства од сметката за редовно работење во износ од 3,5 милиони денари (57.000 евра), а Алијансата за Албанците е единственото правно лице што донирало пари за изборната кампања за коалицијата со „Алтернатива“, во износ од 6 милиони денари (97.000 евра).

Дали политичките партии имале коректно или некоректно финансирање на предизборната кампања ќе се знае по 90 дена, откако ДИК официјално ќе ги објави изборните резултати. Од Антикорупциската комисија велат дека нивниот финален извештај ќе го поднесат во Собранието.
– Ова се само извештаи за примени донации, така што ние немаме целосна слика за целокупното работење на партиите и на коалициите. Тие ќе ги добиеме откако ќе поминат најмногу 90 дена од објавувањето на конечните резултати. Сведоци сме дека резултатите сѐ уште не се објавени. Најдоцна за 90 дена ќе ги достават финансиските извештаи за трошоците и приходите за текот на изборната кампања, по што ќе можеме да видиме за што сѐ е потрошено во текот на изборите – информира на прес-конференција Катица Николовска од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Отворањето на темата за финансирањето на партиите секогаш наведува на дилемата дали т.н. спонзорирање преку донации од индивидуални лица и компании е инвестиција во партиската демократизација, или пак пригодна форма за зацврстување на клиентелизмот во политиката. Таквата дилема е нагласена и во актуелните изборни извештаи на партиите, во кои е забележливо дека голем дел од донациите кај сите партии е од (истакнати) партиски членови. Освен од спонзорства, партиите добиваат и средства од државниот буџет за покривање на трошоците од изборите, според бројот на освоени гласови.
– Таа тема, за моќта на парите во политиката, е многу важна за остварување вистинска демократија во општеството. Зачудувачки е колку во Македонија, каде што критиката на политичкото функционирање е толку насочена кон коруптивноста, не се чувствува и не се реагира на таквиот корупциски елемент затскриен во спонзорирањето на партиите во изборна кампања. Јас тоа не го нарекувам финансирање, туку вложување пари за стекнување придобивки подоцна, кога партијата би дошла на власт.

Со вложување пари во партиите (и за изборни активности) започнува корупцијата во политиката. Без сериозно ограничување на моќта на парите, се генерираат состојби што водат повеќе кон плутократија, а помалку демократија. Кога не се контролира таа моќ, се нагласува силата на парите, во однос на силата на гласачите – вели професорот Здравко Савевски, познавач на политичко-економските процеси.
Савевски нагласува дека контролирањето на моќта на парите во политиката е исклучително важно за издигнување на степенот на демократијата во едно општество, но и укажува дека тоа е тежок процес, кој ниту (западните) демократии со подолга традиција не успеваат целосно да го спроведат.

– Повеќе начини на контрола на моќта на парите во политиката се применуваат во западните демократии, но не може да се каже дека и таму коруптивноста е целосно искоренет феномен. Но кај нас, во Македонија, се чини дека процесите се движат во обратна насока. Наместо да се намалуваат можностите за пристап на партиите до парите на граѓаните, во 2018 година, во екот на големите политички превирања и партиски спротивставености за Преспанскиот договор, партиите од власта и опозицијата (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) се договорија рекламите за изборите да им ги плаќаат граѓаните – потсетува Здравко Савевски.