Фото: Игор Бансколиев

Парадоксот е во тоа што истата таа албанска дијаспора, без оглед што впумпуваше огромни средства секаде каде што живеат Албанци во регионот, од многуте легални и нелегални фондови, како на пример „Татковината повикува“ или „Фондот три отсто“, до денес не се виде никаква бенефиција од собраните пари. Не во смисла на купување оружје за тогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК), паравојската „Вооружени сили на Косово“ (ФАРК) или за Ослободителната народна армија (ОНА) во Македонија, туку за Косово во смисла на градење функционални институции, борба со корупцијата, економски развој… Но се гледа дека некој ја одржува и негува идејата за некаква голема албанска држава на Балканот… Можеби ја одржуваат само албанските политички елити во Косово, Албанија или во Македонија за да извлекуваат што повеќе пари од дијаспората. Или можеби навистина е сценарио што засега е „конзервирано“ за да биде активирано во даден созреан момент за големите играчи на светската шаховска табла

Во чие име поранешниот амбасадор на ОБСЕ, Вокер, повика на обединување
на албанската дијаспора

Последните случувања во Авганистан покажаа дека започна големото геополитичко редефинирање во светот, а од ваквите текови не се исклучува да биде засегнат и Балканот, па во таа насока веќе почна мобилизацијата на сите сили за што подобро позиционирање на овој дел од Европа.
Најдобар доказ дека нешто почнува да се случува е потегот на поранешниот амбасадор на ОБСЕ во Приштина и голем албански лобист, Вилијам Вокер, кој ги повика сите Албанци што живеат надвор од границите на своите земји да се обединат на претстојните избори за да можат нивните кандидати да добијат доволен број места во парламентите во земјите од регионот.
Тој директно се обрати до албанската дијаспора од Албанија, Македонија, Србија и од Црна Гора, која никогаш не ги криеше своите вековни аспирации за создавање голема држава на овие простори и со години работеше со недемократски и насилни методи на остварување на оваа своја цел, без оглед на некои негирања во врска со оваа идеја што доаѓаа од страна на актуелните албански политичари во регионот.
– Голема Албанија никогаш не постоела во албанскиот јазик, учебниците, но тоа е термин што потекнува надвор од Албанија и тој е „глупост само по себе“ – изјави неодамна албанскиот премиер Еди Рама, притоа додавајќи дека какво било албанско обединување доаѓа предвид само во рамките на ЕУ.
Но несомнено, агендата што ја најавува Вокер наликува на поставување контролирани финансиски механизми преку кои најпрво би се обединила дијаспората, а во природен редослед потоа би се финансирале процесите што водат кон територијално обединување преку разни други иницијативи.

Неговата намера е преку зголемување на албанските претставници во парламентите во земјите од регионот да се креираат едни поинакви политики, кои би биле токму во таа насока, наспроти туркањето на сегашниот евроинтегративен курс, кој очигледно не дава резултати и Албанците остануваат заглавени надвор од ЕУ на подолг рок.
Парадоксот е во тоа што истата таа албанска дијаспора, без оглед што досега впумпуваше огромни средства секаде каде што живеат Албанци во регионот, не виде никаква бенефиција од потрошените пари во смисла на градење функционални институции, борба со корупцијата, економски развој, така што и идејата за некаква голема држава на Балканот можеби намерно им се продава за да можат политичките елити да продолжат да извлекуваат што повеќе пари од дијаспората.
Токму во таа насока може да се протолкува и иницијативата на Вокер, да се стави крај на трошењето пари од дијаспората без да се исполни нивната главна цел, сеалбанско обединување, па затоа и доаѓа во време кога повеќе од очигледно е дека следува ново геополитичко преструктурирање на овој дел од Балканот.
– Денешните носители на одлуки во целиот регион се политичари, а не патриоти, тие се многу моќни, но и многу корумпирани и во голема мера зависат од меѓународните ментори, во насока на спроведување на неопходните реформи. Уште повеќе сум уверен дека само активно и континуирано вклучување на оние во дијаспората, оние што се експонирани и што се со искуство во надворешниот свет, оние со страсна желба за промена, веројатно ќе ги донесат неопходните корекции во курсот. Проблемите се огромни и потребно е време за одржливи решенија. За почеток предлагам да го водам движењето за обединување на сите Албанци што живеат во странство – истакна Вокер.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во повикот на Вокер гледа остварување на сонот на албанската дијаспора, сите Албанци да живеат во една држава.
– Тој процес за создавање голема држава е процес што веќе тече и нормално е дека одредени политичари ќе го туркаат. Само се зголемуваат барањата на Албанците во регионот, а да не заборавиме дека имаше повик меѓу Косово и Албанија да нема никаква граница. Претпоставувам сега дека таа граница е чиста формалност – вели Пекевски.

Според него, албанскиот премиер Рама сигурно е поддржан од американско-албанската цивилна лига, а и од американската администрација, која преку Рама ги остварува своите интереси.
– Моменталниот дискурс помеѓу Рама и Курти е само во моментот и тој не би имал никакво значење со оглед дека албанскиот премиер е поддржан од Американците и во суштина САД таа линија на поддршка ќе ја задржат, што значи дека Курти во таа насока нема никакви шанси, иако се залага за некакви нови идеи – појаснува Пекевски.
Тој смета дека изјавата на Вокер во овој момент не е случајна и дека зад неа стојат разни моќни струи во американската политика.
Аналитичарот предупредува и на некои можни дезинтегративни сценарија по матрицата на нова неразумна децентрализација во Македонија.

– Зад повикот на Вокер не е официјалната американска политика, туку некои струи, кои само јакнат, не слабеат и тоа не е ништо ново, туку сега веќе и јавно се кажува. Оваа тенденција на овие простори ќе продолжи и во иднина, така што наскоро може да очекуваме некаква нова децентрализација и во Македонија – заклучува Пекевски.
Несомнено големата игра е започната, а пораката што доаѓа од американскиот дипломат е повеќе од јасна, дека залудни се соништата за голема држава ако и по 15 години странско присуство и потрошени милиони долари актуелните политичари не можат да ги постават темелите ниту на една мала држава, па затоа се залага за промени што ќе доведат до таквата цел.
Останува да се види и следи во наредниот период дали навистина зад ваквите повици за обединување стои искрена намера за подобро менаџирање на средствата на дијаспората во насока на градење поквалитетни институции во државите на Балканот каде што живеат Албанците или, пак, преку поголеми политички влијанија да се постави темелот за некакво идно поголемо обединување. Несомнено Американците имаат своја „маша-алатка“ на Балканот, а прашањето е само како ќе ја завршат и оваа незавршена приказна?!