Со договорите што се потпишаа со соседите (Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија), Македонија беше под силен притисок поради ветувањата за забрзано зачленување во ЕУ. Но под плаштот на „добрососедските“ обврски што ги презеде, таа практично беше условена и да се откаже од македонското малцинство во овие соседни земји. Подметнувањето на „добрососедските“ клаузули и особено замижувањето на ЕУ на ваквите формулации во договорите на Македонија со соседите, на своевиден начин претставуваат флагрантно кршење на членот 2 од темелниот документ за создавање на Унијата – Договорот за Европската Унија

Зошто ЕУ ги поттурнува под тепих проблемите на малцинствата во Бугарија и во Грција?

Во барањето решенија за македонско-бугарскиот спор (како и претходно во спорот со Грција), со кој актуелно се продолжува континуитетот на блокирање на македонските евроинтеграции, ЕУ и сите посредници во процесот на преговори за надминување на пречките што ѝ се наметнуваат на Македонија, секогаш дипломатски се обидуваат да го маргинализираат прашањето на македонското малцинство во Бугарија и во Грција.

Клучните два договора врз кои се заснова Унијата се прекршени од страна на членки на Унијата

Со договорите што се потпишаа со соседите (Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија), Македонија беше под силен притисок поради ветувањата за забрзано зачленување во ЕУ. Но под плаштот на „добрососедските“ обврски што ги презеде, таа практично беше условена и да се откаже од македонското малцинство во овие соседни земји. Подметнувањето на „добрососедските“ клаузули и особено замижувањето на ЕУ на ваквите формулации во договорите на Македонија со соседите, на своевиден начин претставуваат флагрантно кршење на членот 2 од темелниот документ за создавање на Унијата – Договорот за Европската Унија! Имено,
Договорот за Европската Унија (Договорот од Мастрихт, којшто е во сила од 1993 година) и Договорот за функционирање на Европската Унија (Договорот од Рим, којшто е во сила од 1958 година) се клучните два договора врз кои се заснова Унијата. Токму во членот 2 од Договорот од Мастрихт од 1993 година, се наведува дека ЕУ „е основана врз основа на вредностите на почитување на човечкото достоинство, слобода, демократија, владеење на правото, како и почитување на човековите права, вклучувајќи ги и правата на припадниците на малцинствата“! Токму за последново, Грција и Бугарија како членки на ЕУ, ги немаат започнато законските процедури за усвојување (потпишување, ратификација) на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, ниту пак Европската повелба за регионални и малцински јазици!? Со тоа не само што ЕУ треба да поведе соодветна постапка за санкционирање на своите членки за непочитување на своите фундаментални основачки документи туку со тврдењето на Бугарија и на Грција за „непостоење македонско малцинство“ на нивните територии, масивно се подриваат темелите и на самата Европска Унија, правејќи ја Унијата ништовна како систем.

Патолошкиот страв на Бугарија од афирмирање на македонското прашање

За анахроноста на патолошкиот страв на Бугарија од афирмирање на македонското прашање и малцинство во својата држава, но и дека тоа е во спротивност со вредностите на европската држава, свесни се и некои бугарски интелектуалци. Политикологот Ана Крстева од Бугарија ја критикува позицијата на нејзината земја во однос на блокадата на евроинтеграцијата на Македонија.
– Бугарија успеа да ја промени својата улога од добро момче за време на претседавањето со Советот на Европската Унија со улогата на лошо, откако ги блокира преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Противречностите меѓу државите треба да се решаваат на европско ниво, но Бугарија го посакува токму обратното – да ја ангажира ЕУ на своја страна. Не успеваме да објасниме што точно ни пречи. Бугарија звучи како од минатото, а не од иднината. Сопствениот развој би ни се забрзал ако повеќето наши соседи се членки на ЕУ – го искажала Крстева своето размислување за македонско-бугарските односи, во кои се настојува да се вовлече и ЕУ, но на страната на Бугарија.
Сѐ повеќе и од повеќе страни може да се слушнат анализи и согледувања дека ЕУ всушност ги користи бугарските фрустрации во однос на македонското малцинство и нејзините анахрони историски уцени спрема Македонија, како алиби за заморот од проширувањето и одолжување со ветувањата за европската иднина на земјите од Западен Балкан. Сепак, во контекст на малцинствата, треба да се обележи дека Бугарија повеќе години е предмет на интерес и пресуди на Европскиот суд за човекови права, кој е орган на Советот на Европа. Постојат 14 пресуди на ЕСЧП, со кои се задолжува Бугарија да им овозможи право на здружување на своите граѓани во организации со македонски етнички предзнак. Бугарија постојано изнаоѓа начини како да го избегне спроведувањето на пресудите, но поради таквиот однос веќе е алармиран и Комитетот на министри на Советот на Европа и дадени ѝ се рокови за да постапи според пресудите. Во спротивно ѝ се заканува суспендирање од членство во Советот на Европа.

Повторно во фокусот да се стават Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права

– Анимозитетот од признавањето на македонското малцинство произлегува од прашањето што ќе остане од соседните држави, ако почнат да ги признаваат малцинствата. Затоа, прво прашање што се наметна по дисолуцијата на Југославија, во речиси сите земји од Балканскиот Регион беше – ревизија на историјата – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Тој констатира дека на таков начин балканските држави и нации влегле во една инверзивна матрица меѓу себе, за нешто што е иреверзибилен процес.
– Што се случило во минатото, се случило! Кој се одвоил и си создал држава, нација низ сите геополитички процеси во минатото – треба да се прифати како реалност. Но соседите на Македонија живеат со фрустрацијата дека државноста на Македонија ја урива нивната државност. И денес, основната парадигма на постоењето на грчката и бугарската држава е монолитна нација, без малцинства, колку и да е тоа контрадикторно на основните принципи на Европската Унија, на која се членки. Ако историјата ја читаме од аспект на денешната геополитика, ќе донесеме политички заклучоци. И денес, геополитичките граници не се совпаѓаат со етничките, па токму во тоа е суштината на почитување на правата на малцинствата како нераскинлив дел од прашањето за човековите права, на кои се темелат ЕУ и воопшто современата цивилизација – смета Тодор Петров.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца-Николовска, вели дека треба да се направат напори повторно во фокусот да се стават Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права.

– Треба да даде важност и да не опадне интересот на македонската јавност на прашањето со неизвршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Мислам дека досега станува збор за 14 неизвршени пресуди во интерес на македонското малцинство во Бугарија, за кои е активиран и Комитетот на министри. Всушност, сметам дека вистинската адреса на која треба да се насочи вниманието за правата на македонското малцинство во соседството се Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права. ЕУ, како политички сојуз, дури и не е инволвирана многу во контролата на почитувањето на правата на малцинствата. На ЕУ, во нејзината политика на проширување најважно ѝ е да не внесува отворени соседски проблеми и конфликти – вели Маргарита Цаца-Николовска, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, која додава и дека постојат и други инструменти во меѓународното право за регулирање и контрола на почитувањето на правата на малцинствата во државите.


Ниту во тековниот попис Македонците во Бугарија
не можат да се попишат како Македонци

Според Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден Пирин, партијата на Македонците во Бугарија, не може да се знае колку Македонци денес живеат во Бугарија, затоа што тие на актуелниот попис не можат слободно да ја изразат својата етничка припадност. За Македонците нема посебна графа и тие имаат можност да се изјаснат под графата „Други“, но притоа имаат многубројни опструкции и проблеми, а често завршуваат попишани како Бугари. Како што вели Стојков, посебна графа „Македонец“ немало на ниту еден попис во Бугарија, по 1956 г., па нема ниту сега. Има само три народности: Бугари, Турци, Роми и посебно графа „Други“, каде што теоретски би требало сам да ја одредиш народноста. Но многу често луѓето се попишувани без нивно присуство или им се менува исказот.

ОМО Илинден Пирин е партија на Македонците во Бугарија, која сѐ уште е нерегистрирана и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права.