Фото: Маја Јаневска-Илиева

Има ли институционален капацитет Македонија да го динамизира темпото на вистинските реформи

Сите констатираат проблеми во правосудството, но има ли кој да ги решава? И хипотетички да земеме дека Бугарија го повлекла ветото за отпочнување преговори со ЕУ, реално прашање е дали имаме ние капацитет, знаења, вештини, но и политичка волја за отплеткување на правосудниот јазол, кој е приоритетен меѓу предизвиците при преговарањето со Унијата? Токму поглавјето за владеењето на правото е меѓу првите поглавја што земјава ќе ги отвори ако конечно ги започне преговорите со ЕУ, а како што стојат сега работите во однос на нашата подготвеност за тоа, голема е веројатноста и без бугарска блокада да останеме заглавени во тоа поглавје, во согласност со новата методологија за преговарање

Македонија на надворешен план со сите сили се обидува конечно да ги почне преговорите со Европската Унија, но на внатрешен план и натаму не успева да ги подобри состојбите во судството, кое останува заглавено под силни политички влијанија.

Токму поглавјето за владеењето на правото е меѓу првите поглавја што земјава ќе ги отвори ако конечно ги започне преговорите со ЕУ, а како што стојат сега работите, веројатно, и без бугарска блокада земјава ќе остане самата заглавена во тоа поглавје, во согласност со новата методологија за преговарање.
– Притисокот врз судството е преголем, минатите врски не исчезнаа прекуноќ – вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска, иако поминаа многу ноќи во нивниот мандат кога можеа барем малку да ги придвижат работите во судството во позитивна насока.

Едноставното констатирање дека состојбата во судството е лоша ништо не значи ако власта не се зафати со коренита реформа на судскиот систем, кој во секој извештај на Европската комисија е посочен како проблематичен.
Сцените од Собрание во кое пратеници на власта и на опозицијата се речиси на раб на физичка пресметка при предлагањето судии само потврдуваат дека политичките партии и натаму сакаат да го контролираат судството, нешто на што Европа отворено се спротивставува.

Несомнено Македонија порано или подоцна конечно ќе ги почне преговорите со ЕУ, но многу поважно ќе биде да се добие независно судство што ќе одлучува според словото на законот, а не според партиските нарачки. Тоа е особено важно ако земјава има намера да ги започне и заврши преговорите со Унијата во разумен рок, наместо поради недостигот од вистински реформи да заглави преговарајќи со децении.

Познавачите на состојбите сметаат дека реформите во судството можат веднаш да се направат, под услов секоја власт да ги тргне рацете од него.
– Апсолутно дека можеме да ги подобриме состојбите во судството, но тоа бара целосно, доследно посветување на таа област, но не од типови политиканти политичари што се во мигот, а и претходно на власт, туку од луѓе професионалци што ќе си ја средат областа и ќе нема за никого пардон – вели Ѕвонко Давидовиќ, адвокат.

Тој смета дека не може политичарите да се мешаат во работи што не се во нивна надлежност.
– Не може дали сега, дали во изминатите години, премиер да најавува судски постапки и обвинителски одлуки и да се меша во судството. Со длабок рез, без пардон, со правни реформи што ќе значат евалуација на работењето на секој еден судија и секој еден обвинител, но и одговорност на секој политичар и функционер што придонел за ваквата состојба – нагласува Давидовиќ.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека прв чекор што треба да се направи во насока на подобрување на состојбите во правосудството е отстранување на политичките влијанија.
– Има еден мал, но многу важен чекор ако сакаме да ги подобриме состојбите во судството, а тој е власта вистински да се откаже од влијание врз правосудството. Ако кренат раце, тогаш ќе има многу брз напредок, а веројатно Европа ќе ги натера на тоа – вели Калајџиев.

Тој додава дека лесни чекори нема, но тој потег е многу важен.
– Досега не гледам сериозна намера кај партиите да кренат раце од судството, а без тоа ништо, ќе се вртиме во едно политизирано судство. Двете најголеми партии во земјава очигледно не сфаќаат дека судството треба да биде независно, едноставно не сфаќаат вистинска поделба на власта. Знаат реторички да го кажуваат тоа, но не го применуваат во пракса – констатира Калајџиев.