Фото: Игор Бансколиев

Колку повеќе официјална Атина ги игнорира своите обврски од Преспанскиот договор, толку повеќе ние и предвреме испорачуваме, дури и многу повеќе од утврдените обврски. Дополнително, својата чудна и сервилна кооперативност кон јужниот сосед ја покажаа и многу правни субјекти во земјава, кои се преименуваа „во согласност со“ договорот, иако немаа обврска да направат такво нешто, правдајќи се дека старото име во називите им правело проблеми при соработката со странство?

Демонстрација на нашиот некритичен однос кон одредбите од Преспанскиот договор

Итната мобилизација на политичарите од власта по грчката реакција околу употребата на придавката „македонска“ за фудбалската репрезентација, покажа дека земјава продолжува со своето додворувачки-покорно однесување кон Грција и со некритичното исполнување на одредбите од Преспанскиот договор, дури и повеќе од предвиденото во договорот.

Натфрлање на нашите обврски дури и пред
утврдените рокови

Иако во договорот постојат рокови, сепак Македонија продолжува и предвреме и повеќе да исполнува од обврските, почнувајќи од експресната промена на таблите на граничните премини, преименувањето на сите државни институции и институции финансирани од државата во национални, па дури и препораки до приватни компании да се осмелат да го употребуваат новото уставно име.
Од друга страна, Грција не направи ништо на тоа поле, па затоа низ северна Грција и натаму стојат старите табли со називите „Скопје“. Грција „заборави“ и на отворањето на граничниот премин „Маркова нога“, ја злоупотребува употребата на кодот МКД и на сето тоа македонската страна не се осмелува да реагира, при што состојбите во практиката се: „Колку повеќе официјална Атина не исполнува, толку повеќе ние предвреме испорачуваме“!
Дополнително, својата чудна полтронска кооперативност кон јужниот сосед ја покажаа и многу приватни субјекти во земјава, кои се преименуваа во согласност со новото име, иако немаа обврска да направат такво нешто, правдајќи се дека старото име во називите им правело проблеми при соработката со странство.

Забрзана операција за ампутирање на придавката македонски

Во согласност со Договорот од Преспа, сите државни институции треба да се преименуваат, но поради вградените „непрецизности“ во договорот, веројатно ќе се преименуваат и многу недржавни субјекти, кои по некоја основа примиле државни пари, како што е случајот со ФФМ?!
Несомнено е дека веќе е во тек една забрзана операција за демакедонизација и посеверување на буквално сè, па прашање на време е кога и самите политичари во стравот да не ѝ се замерат на Грција, ќе почнат да го употребуваат терминот „северномакедонски“, кој за странците веќе стана природна кованица што произлегува од името на државата.
Како што најави премиерот Зоран Заев, кој прекуноќ откри државна донација за ФФМ, прашање на време е кога македонскиот фудбалски сојуз ќе го добие новото име, а дали тоа ќе го прифатат и други македонски институции, па и политички партии од ирационално-лукративни причини, кои во своето име ја содржат придавката „македонски“ или терминот „Македонија“, останува да се увериме.
Но во прилог на тоа оди и најавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека од 1 јули ќе започне издавањето на пасошите со новото име на државата, иако и за тоа роковите не се близу. Токму за да им се угоди на каприците на Атина, сега се надградува системот за изработка на пасошите поради што македонските граѓани подолго време останаа без патни документи и чекаат во редици на температури над 40 Целзиусови степени само што поскоро одредницата „Северна“ да се најде на кориците на македонскиот пасош.

Има индиции што сѐ повеќе одат на контото на голема веројатност дека од почетокот на следната година во оптек ќе се најдат и банкноти со „Северна“, иако и за тоа рокот е врзан со отворањето на соодветните поглавја во преговорите со ЕУ, кои Македонија ниту ги почнала, ниту, пак, се знае дали скоро ќе ги почне.
Како што стојат работите во моментот, Македонија прави дури и некритички повеќе од тоа што од неа се бара околу спроведувањето на Преспанскиот договор, додека Грција не го применува и она што е договорено.
Таквиот некритичен однос за тоа што треба и што не треба, со текот на времето „ќе доведе до аморфност на македонскиот идентитет и негова замена со северномакедонски“, што несомнено е само на штета на македонскиот народ. Од тие причини, потребно е наместо сервилен, да се воспостави партнерски однос со сите и да се започне со една масовна мобилизација на сите сите сили во земјава и надвор, за да се одбрани она што е наше највисоко и основно право: нашиот апсолутен македонски идентитет.
– Не разбирам каква е оваа политика на сервилност и коленичење, која, еве, и по четири години не нè носи никаде поблиску до ЕУ отколку што сме биле пред четири години, напротив, само ги девалуира сите некои идни напори да се направи пробив во таа насока. Не можете вие со сервилност да добиете нешто – смета политикологот Владимир Божиновски.

Идентично размислува и аналитичарот Синиша Пекевски, кој смета дека како нација не е дозволиво да воведуваме нови стандарди во покорноста.
– Не е само нашиот понизен однос кон Грција, нашиот сервилен и понижувачки однос е кон сите. Ние се трудиме на сите да им угодиме само тие да се чувствуваат убаво, ама на наша штета. Кога немаш став за ништо, или ако ставот ви е да им угодите на барањата на другите, тогаш односот на сите кон нас ќе биде туторски – вели Пекевски.
Според него, власта кога веќе гледа дека не успеваат некои политики, треба да заврти страница и да го смени односот кон оние што не го почитуваат договореното.
– Сè додека ние не го смениме односот, иако мислам дека можеби за тоа е веќе доцна и не се запрашаме каде грешиме кога Европа не ги исполни ветувањата кон нас, Грција не ги исполнува, Бугарија не ги исполнува, ќе биде вака. Ако ти не ме почитуваш, зошто јас би те почитувал? Доверба и соработка се градат заемно – порачува Пекевски.