Првиот Грк назначен за вицепретседател на Европската комисија, Маргаритис Шинас, беше очигледен избор за функцијата по годините на вклученост во јадрото на европската политика. А тој искуси и дел од клучните моменти во новата грчка историја, во која исто така играше значајна улога, пишува „Катимерини“. Во интервјуто за грчкиот весник, Шинас, меѓудругото се осврнува и на односите со Македонија, посочувајќи ја потребата за Грција да има водечка улога во регионот, како „Реал Мадрид на Балканот“, споредувајќи ја неговата држава со шпанскиот фудбалски гигант. „Нова Македонија“ пренесува дел од одговорите на грчкиот политичар.

Европското водство и германската канцеларка Ангела Меркел вложија многу во решавање на спорот за името помеѓу Атина и Скопје, како и во изгледите на Албанија и на Северна Македонија за членство во ЕУ, кои сега се во неизвесност. Дали пристапните преговори за двете држави можат да бидат разделени и какво ќе биде геополитичкото влијание од ваквиот развој на настаните?

– Јас сум многу среќен што гледам дека, и покрај грчките маки во изминатите неколку години, нашето влијание и меката моќ кои ги имаме над нашите соседи на Балканот се несмалени, а дури и интензивирани. Продолжуваме да претставуваме имиџ што нашите соседи сакаат да го достигнат еден ден. А овој политички капитал, кој потекнува, не само од фактот што сме единствената потполно развиена ЕУ-демократија во регионот, туку и бидејќи не им го свртевме грбот на нашите соседи. Тоа е нешто што треба да го одржуваме. Нема сомнение дека Европа ефективно ги помести целите за прашањето и дека направи неправда кон двете држави – објаснува Шинас.

Доаѓајќи од северна Грција, каде што прашањето за името со Скопје е особено чувствително, веројатно сте слушнале доста критики за спогодбата за името. Како одговарате на таквите критики?

– Отсекогаш бев постојан во моите верувања и верувам дека Грција треба да се ослободи себеси од такви фобии. Верувам дека сме посилни отколку што мислиме и верувам дека за таквите соседски прашања и за регионалната соработка нема 15 различни патеки, туку само една. Постојано повторувам дека, како најмоќниот играч ние сме Реал Мадрид на Балканот и немаме зошто да се плашиме од никого. Сосема напротив. Ние сме парадигма за останатите и јас се чувствувам лагодно бранејќи ги овие идеи во Брисел и во Атина, во Солун и на Балканот – заклучува Шинас.

Маргаритис Шинас ја спореди Грција со шпанскиот фудбалски гигант Реал Мадрид