Улогата на Македонија како кредибилен НАТО сојузник беше потврдена на денешната средба помеѓу министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во Неапол со командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО, адмирал Роберт Бурк.

Министерката на состанокот рече дека за нас членството во НАТО не е само како привилегија, туку и одговорност и можност да даваме придонес во мирот и безбедноста во светот и во регионот.

– Горди сме на нашето учество во мисијата КФОР во Косово, бидејќи така најдиректно регионот ги почувствува придобивките од членството на нашата земја во НАТО, а НАТО доби сојузник чија конструктивна политика одамна е препознаена во регионот и пошироко – рече Шекеринска.

За време на разговорот стана збор и за ситуацијата во светот, со осврт на Авганистан, и за состојбите во регионот.

Бурк изрази задоволство од состанокот и благодарност за учеството на трупите на Македонија во мисијата КФОР.

– Ми беше чест да ѝ бидам домаќин на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзината делегација, овде во Неапол. Имавме многу продуктивни разговори и среќен сум што можев да и го возвратам гостопримството што ми беше укажано при мојата последна посета на Скопје во март 2021 година. Изразив и благодарност за учеството на трупите на Северна Македонија во мисијата КФОР, подвлекувајќи ја силната посветеност на Алијансата на безбедноста на Западен Балкан. Сојузничката команда на здружените сили во Неапол се надева на уште повеќе можности за соработка со гордата и способна Армија на нашата најнова членка на НАТО во понатамошните вежби и мисии на Алијансата, потенцираше Бурк – истакна Бурк, по средбата со Шекеринска.

Шекеринска во базата на НАТО беше дочекана со специјален кордон со кој беше поздравено нејзиното присуство во седиштето во една од најважните команди на Алијансата. Делегацијата од Министерството за одбрана и од Армијата, предводена од министерката Шекеринска имаше средби и во директоратите за вежби и операции каде беше брифирана за активностите и плановите на Сојузничката команда.