Фото: Маја Јаневска-Илиева

Функционирањето речиси на сите државни тела, институции и организации деновиве се одвива со целосно физичко присуство на вработените, но и со почитување на мерките за претпазливост против ковид-19

ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА РАБОТЕЊЕ ОД ДОМА, РОТАЦИИ И СМЕНИПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА РАБОТЕЊЕ ОД ДОМА, РОТАЦИИ И СМЕНИ

Епидемиолошката состојба во земјава се подобрува, мерките за заштита од ковид-19 се олабавуваат и, според последната одлука на Владата, целата државна и јавна администрација, наместо да работи во смени или од дома, ќе се врати да работи со физичко присуство од своите канцеларии. Од Министерството за информатичко општество и администрација информираат дека Владата донела одлука дека престанува важењето на препораката за работа во смени, тимови и работа од далечина (дома), односно принципот на ротација.
Во согласност со донесената одлуката на Владата, за престанок на важењето на препораката за работа во смени, од дома и по принцип на ротација, одлуката важи за целата државна и јавна администрација, општините и судовите – велат од Министерството за информатичко општество и администрација.
Откако од Владата беше одобрено и организирање свадби на отворено, сега има и поголема фреквенција на граѓани во просториите на матичната служба.
Сите вработени се редовно на работа. Барањата за изводи се вообичаена работа, единствено се чувствува поголем притисок за склучување бракови – информираа од Управата за водење матични книги.
Потреба за намалување на мерките за заштита од ковид-19 утврдиле и во Управата за јавни приходи, каде што досега работеа преку ротации, смени, работа од дома.
Во согласност со актуелната состојба со ковид-19 во Македонија, Управата за јавни приходи, по оцена на условите за работа и бројот на вработени, особено во периодот на користење на преостанатите денови од годишниот одмор, утврди потреба од намалување на мерките за заштита од ковид-19 предвидени како ротации, смени, работа од дома и слично во интерес на обезбедување навремено и непречено функционирање на институцијата, сметано од 1.6.2021 година, така што сега работата се одвива со целосно физичко присуство на вработените и истовремено задолжително почитување на протоколите за работа во услови на ковид-19 и мерките на Владата – рекоа од УЈП.

Со физичко присуство се вратија на работните места и вработените од Катастарот и тие веќе работат од своите работни простории, со полно работно време.
Агенцијата за катастар на недвижности донесе одлука вработените, почнувајќи од 1 јуни 2021 година, работните задачи да ги извршуваат од своите работни места, со полно работно време. Агенцијата за катастар на недвижности продолжува со редовната, тековна работа на вообичаениот начин – велат од оваа институција.
Од Кабинетот на директорот при Фондот на ПИОСМ објаснуваат дека во согласност со мерките и препораките донесени од страна на Владата, во насока на заштита на здравјето на граѓаните во услови на пандемија, работеа во согласност со заклучоците и препораките на Владата и просторните услови и природата на работните задачи и обврски.
По потреба се работеше по принципот на ротација, додека одредени служби, кај кои природата на работата дозволуваше работа од дома, работеа од дома (како на пример ИТ-секторот). Притоа, за цело време на пандемијата, работата се одвиваше со запазување на мерките за заштита од ковид-19. Постојано ги следиме заклучоците на Владата во овој дел и постапуваме во согласност со нив. Имајќи го ова предвид, сега сите вработени функционираат со физичко присуство (без ротации и работа од дома), со почитување на мерките за заштита – кажуваат од ПИОСМ.
Со физичко присуство работи целата градска администрација во Град Скопје,
Целата градска администрација е вратена на работа, со 100 отсто работно време и физичко присуство. Како и досега, до неа може граѓаните да се обратат преку архива, телефонски и електронска пошта – велат од Град Скопје.

Во согласност со последните владини препораки, вработените од ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје исто така се вратени на работа со физичко присуство.
Работата се изведува со почитување на сите протоколи за заштита на вработените и посетителите од ширењето на коронавирусот. Работните процеси, како и досега, и сега и во иднина ќе бидат организирани во согласност со епидемиолошката состојба, потребите и можностите за реорганизација и нивна адаптација и препораките на надлежните институции, Владата, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести – информираа од ЈП „Водовод и канализација“.
Државната администрација не одеше на работа од почетокот на пандемијата на ковид-19, од март минатата година. Тогаш, за да се спречи ширење на вирусот, Владата донесе одлука административците да работат од дома. Некои од нив беа вратени на работа во јуни, но голем број продолжија да функционираат од дома или со ротации.