На почетокот на денешното судско рочиште за случајот „Топлик“, адвокатите на првообвинетиот Миле Јанакиески побараа да се изврши анализа од стручно лице на „бомбите“ за овој предмет кои беа презентирани на претходното рочиште.

Според адвокатите, постои сомнеж прислушуваните разговори да се менувани, за што им биле укажано од технички советник, поради што предложија да се наложи нивно вештачење.

Адвокатката Сања Алексиќ рече дека постојат технички лаборатории каде може да се утврди автентичноста, веродостојноста и целовитоста на снимките.

Одбраната побара од судот 608-те материјални докази на СЈО да бидат селектирани на 83 докази во функција на ефикасност на постапката.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова не се согласи да се читаат селективно доказите, затоа што, како што рече, сите докази се битни, а не само 83-те како што предложи адвокатот Данчо Наков.

По ова, судијата Осман Шабани даде пауза, по која треба да почне презентацијата на доказите.