Фото: Маја Јаневска-Илиева

Точката три во Декларацијата е контрадикторна со основните постулати на Унијата. Имено, токму Унијата во своите темелни документи ги вградила слободата на говорот, слободните медиуми и искажувањето отворено мислење по сите прашања. На тие елементи ЕУ инсистира, а тоа и го бара како услов од Македонија, но и од другите земји-кандидатки. Но ова што сега се бара во точката три од Декларацијата, не може да се протолкува никако поинаку, освен како еден вид ограничување и цензура за тоа што ќе се (рас)кажува за ЕУ, која токму поради своите неконзистентни политики кон регионот ја губи довербата кај граѓаните

Чудна обврска за земјите-кандидатки за ЕУ вметната во Декларацијата од Брдо кај Крањ

Долгоочекуваниот самит ЕУ – Западен Балкан не даде резултати во полн капацитет, а завршната Декларација што беше потпишана од лидерите на ЕУ, со согласност на балканските лидери, само ги повтори позициите што Унијата ги рециклира уште од Солунскиот самит во 2003 година, со една мала разлика. Имено, што во документот првпат е вметната точка со која на земјите-кандидати „им се препорачува на кој начин да известуваат за ЕУ“!?

Препорака или инструкција
од ЕУ за тоа како да се известува за ЕУ

Вакво нешто досега не било содржано во ниту еден документ на ЕУ, што не може да се протолкува никако поинаку, освен како покажување одреден степен на незадоволство од тоа како се перципира Унијата во земјите-кандидатки.
– ЕУ е сигурно најблизок партнер на регионот, најголем инвеститор и главен донатор. Ненадминатите размери и разновидности на оваа поддршка мораат да бидат јасно потврдени и пренесени од страна на партнерите во нивните јавни дебати и комуникацијата – се наведува во спорната точка три.
Самата точка во Декларацијата е контрадикторна со основните постулати на Унијата. Имено, токму Унијата во своите темелни документи ги вградила слободата на говорот, слободните медиуми и искажувањето отворено мислење по сите прашања. На тие елементи ЕУ инсистира, а тоа и го бара како услов од Македонија, но и од другите земји-кандидати.
Но ова што сега се бара во точката три од Декларацијата не може да се протолкува никако поинаку, освен како еден вид ограничување и цензура за тоа што ќе се кажува за ЕУ, која токму поради своите неконзистентни политики кон Македонија во голем дел ја губи довербата кај македонските граѓани.

Слобода на мислата, слободно изразување на
медиумите, но само во рамките на ЕУ-препораката?!

Уште во документите од Мастрихт, ЕУ бараше од сите што сакаат да станат дел од европското семејство да мораат да исполнат одредени норми и да ги задоволат европските вредности, односно да се согласат со правниот, политичкиот и вредносниот систем на ЕУ. Но сега во овој документ од Брдо, ЕУ воведува дополнително барање, на државите кон кои се обраќа да им наметне одредено однесување какво што таа посакува.
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека ваквата „препорака“ на ЕУ не е во согласност со нејзините заложби за слобода на мислата, слободно изразување на медиумите и слично.
– Се разбира дека ЕУ сака да има еден позитивен имиџ кај земјите-кандидатки и затоа ова може да се протолкува како некаква препорака. Тие термини кога се анализираат во тој речник во соодносите на ЕУ со земјите-претенденти, практично значи задолжителност, без оглед што е само препорака. На крајот од краиштата, точката во Декларацијата не е само совет, иако не е во согласност со заложбите за слобода на мислата, слободно изразување на медиумите, кои треба да се држат до фактите, вистината… – вели Андревски.
Според него, самата точка претставува едно толкување што ЕУ им го препушта на земјите-кандидати што сакаат да бидат во нејзино друштво.
– Има внатрешни димензии во структурата на оваа препорака. Имено, таа личи на налог и како еден далечен предуслов за отпочнување преговори, идно членство итн. Ако не е некаков облик на рампа, сигурно е некој знак на предупредување кога ќе се приближиш до нешто опасно – коментира професорот Андревски, мислејќи на разнишаната доверба на Унијата во Македонија и регионот по неисполнетите ветувања.
Тргнувајќи од позиција дека сите земји од регионот сакаат да станат дел од ЕУ, професорот не исклучува можност и оваа точка три од Декларацијата потпишана на Брдо кај Крањ да е некаков услов за идното зачленување.
– Логично е дека ЕУ мора во принцип да има согледувања за квалитетот на дејствување и соодносите што ги има со земјите-кандидатки. Оттаму тие сакаат секаде да бидат претставени во поповолно светло во однос на фактичката состојба. Земјите што сакаат да влезат во ЕУ се наоѓаат пред уште еден праг што треба да го надминат, односно да не се пласира некаков говор на омраза кон ЕУ. Моделот што во моментот го користи бугарскиот претседател Румен Радев за Македонија и обвинувањата што ги шири за наводниот говор на омраза на Македонците кон Бугарите, утре може да го користи и Европа, потсетувајќи ги земјите-кандидатки дека им препорачала да не шират говор на омраза кон ЕУ ако веќе сакаат да станат дел од Унијата – заклучува Андревски.

„Препораката“ во најголем дел се однесува на државните органи, а помалку кон медиумите?

Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, во точката три од Декларацијата од Брдо препознава обврска само за земјите-кандидатки.
– Формулацијата (или препораката) од точката три на Декларацијата од Брдо кај Крањ е нова и наместо обврски за ЕУ, наметнува обврски за партнерите од регионот. Ја гледам/разбирам како нужна потврда од земјите на регионот кон ЕУ, дека и покрај тоа што нема напредок кон ЕУ-членство, земјите-кандидатки треба да се свесни дека убедливо најголемата (вклучувајќи финансиска) поддршка за нив доаѓа од ЕУ, па затоа ЕУ со право бара тоа да се признае и често да се повторува – вели Кржаловски.
Тој понатаму додава дека ваквата препорака во најголем дел се однесува на државните органи, а помалку кон медиумите.
– Сметам дека тоа главно се однесува на државните органи (особено директните корисници на тие средства) и дека е во функција на спречување на други наративи како што имаше за време на побрзата помош од Русија и од Кина со маски и вакцини. Не го доживувам како притисок кон медиумите во тие држави, ниту како обврска кон нив да известуваат на поволен начин за ЕУ – истакнува Кржаловски.