Фото: Маја Јаневска-Илиева

Град Скопје и јавните претпријатија во континуитет се соочуваат со проблеми и вандалско однесување во однос на оштетувањето на урбаната и друг вид опрема. Секој месец на терен евидентираме голем број штети во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци… На овие појави, за жал, имуни не се ниту автобуските постојки, кои повеќепати беа предмет на вандалско однесување, што е пријавено во полиција, информираат градските власти

Нелегалните плакати ја нагрдуваат урбаната опрема и покриваат корисни информации
за граѓаните

Автобуските постојки се можеби едни од објектите во градот што се најчеста цел на вандалското однесување на некои од граѓаните. Единствен проблем не е нивното оштетување и кршење. Автобуските постојки веќе многу години се користат како објекти за нелегално плакатирање и лепења на нив. За жал, на нив беа лепени и разни изборни плакати за време на изборите што се одржаа летово. Па, така, на некои постојки сѐ уште може да се видат плакати од кандидати и носители на изборни единици, а на голем дел можете и да видите кој продава куќа, кој издава викендичка или, пак, кој дава часови по разни училишни предмети. Исто така редовна појава се и огласите поврзани со пишување семинарски и магистерски трудови, огласи за варосување, продажба на возила и слично.
Состојбата е таква со години и, за жал, нема решение. Граѓаните продолжуваат „на диво“ да лепат плакати и огласи каде што ќе стигнат.
– Автобуските постојки постојано се оштетуваат и се користат како своевидни нелегални огласни табли. И тоа не е единствен случај. Многупати млади седат со нозете качени на клупите наменети за седење, ги палат со запалка, оставаат ѓубре… плакатите од изборите стојат речиси половина година залепени на постојката во Бутел 2. Наместо да се уредни и чисти, огласите се испозалепени насекаде. Среќа што делот од каде што гледаме дали доаѓа автобус е ограден, инаку при дожд ќе треба да стоиме надвор за да видиме дали доаѓа автобусот што го чекаме – вели Сузана Трајкова.
Огласи не се лепат само на постојките, туку насекаде, на секој слободен простор во градот. На врати од влезови, на бандери, на дрвјата… и покрај тоа што сега интернетот им е достапен на сите, а огласувањето на интернет никогаш не било полесно и поедноставно, сепак на некои од граѓаните полесно им е да го користат стариот традиционален начин со лепење листови на кои е испишан огласот.

Градските власти велат дека ова е доста честа појава со која постојано се соочуваат.
– Град Скопје и јавните претпријатија во континуитет се соочуваат со проблеми и вандалско однесување во однос на оштетувањето на урбаната и друг вид опрема. Секој месец на терен евидентираме голем број штети, во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци… На овие појави, за жал, имуни не се ниту автобуските постојки, кои повеќепати беа предмет на вандалско однесување, што е пријавено во полиција – информираат градските власти.
Цел се и автобусите, па честопати патниците се жалат и дека се фрлаат камења по автобусите додека сообраќаат, а во зимскиот период доста често се фрлаат снежни топки како дел од несовесната игра на помладите не размислувајќи за последиците што можат да ги предизвикаат од таквото однесување.
– Фрлаат камења, песок, сѐ што ќе најдат. Не е ниту прв ниту последен пат. Честопати кога се возам дури и бегам од седиштата покрај прозорците затоа што ми е страв да не се скрши прозорецот, па да завршам повредена – вели Лиле Петковска.

[email protected].