Австрија се нуди да посредува во решавањето на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, икако што истакна австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, по денешната средба со вицепремиерот Никола Димитров во Скопје. Таа смета дека ќе се направи голема грешка ако Македонија не ги почне преговорите со Европската Унија поради билатерални конфликти и нерешени прашања од историјата.

– Сакам уште еднаш да ја истакнам понудата на Австрија како еден вид на посредник за решавање на проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Ние да посредуваме, затоа што конечно е време земјите од Западен Балкан да ги вградиме во дијалогот и да им овозможиме иднина. Австрија како партнер со земјите од Западен Балкан сака да ја игра оваа улога, знаејќи дека има уште некои работи кои мора да се дозавршат на европско ниво за дијалогот да продолжи – кажа Едштадлер на заедничката прес-конференција со Димитров.

Австриската министерка нагласи и дека Македонија и Албанија не треба да се разделат во пристапниот процес со ЕУ. Вицепремиерот Никола Димитров истакна дека е време Македонија да ги почне пристапните преговори и дека токму нашиот случај е вистински тест за ЕУ, бидејќи Македонија има статус на кандидат 16 години.