„Нова Македонија“ деновиве на своето електронско издание објави текст што се повикува на анализа на австралиското министерство за внатрешни работи, според која 2.105 граѓани родени во Грција, а доселени во Австралија се изјасниле како Македонци. Ваквиот наш напис предизвика огромен интерес и позитивни реакции кај читателите и јавноста, што беше доволен предизвик да ја продолжиме и доистражиме темата, овој пат дополнета и со изјави на нашите иселеници и коментари на аналитичарите

ПОПУСТО ГРЦИЈА НЕ ПРИЗНАВА МАЛЦИНСТВА И МАЛЦИНСКИ ПРАВА

Во време кога Македонија е под континуирани и сериозни напади од соседите за нејзино разнебитување и бришење на македонскиот народ, нашите иселеници од дијаспората се борат на сите начини да го докажат своето право на самоопределување и самоизјаснување.
„Нова Македонија“ неодамна на своето електронско издание објави текст во кој се повикува на податоци од пописот во Австралија од 2016 година, кој говори дека австралиски државјани родени во Грција се изјаснуваат како Македонци. Овој наш текст предизвика огромен интерес и реакции со поддршка на социјалните мрежи, особено меѓу Македонците распрскани низ светот.
Интересот на јавноста го побуди анализа на австралиското министерство за внатрешни работи, кое повикувајќи се на податоци на поранешните пописи на населението, поточно на оној од 2016 година, наведува дека 2.105 граѓани родени во Грција, а доселени во Австралија се изјасниле како Македонци.
Во анализата се истакнува дека од вкупно 89.207 луѓе што биле родени во Грција, 82.207 го зборувале грчкиот јазик и 2.241 го зборувале македонскиот јазик.
Ова е најдобра потврда дека во Грција постои македонско малцинство и тоа директно го потврдува австралиски владин орган, без да може некој да забележува дека ваквите информации се пласирани од Скопје.
Очекувањата се и дека податоците од најновиот попис ќе потврдат уште поголем број Македонци што биле родени во Грција, а живеат и работат во Австралија.
– Она што не може македонското малцинство да го направи во Грција, успева да го направи во Австралија, да потврди дека и во Грција има луѓе што се родиле таму, но по етничко потекло и јазик се декларираат како Македонци, различно од Грците. Тоа е најдобар доказ дека не се сите Грци иако се родени во границите на денешна Грција, без оглед што тамошните власти не признаваат други малцинства. Ова е една победа и голем успех на дијаспората, којашто има свест за своето потекло, и претставува светско признание дека во Грција постои македонско малцинство – вели добро упатен извор од македонската дијаспора во Перт, Австралија.

Според него, пописот во Австралија им овозможува слободно изјаснување на сите граѓани, така што не се можни манипулации од ничија страна и вистината излегува на виделина, без оглед кој колку сака да ја скрие.
– Во Австралија во последните 30 години во пописните листи првото прашање е држава на раѓање, второто прашање е потекло, третото прашање е јазик, односно кој друг јазик се зборува покрај англискиот, и четвртото прашање е религија. Сега имаме ситуација во која колку луѓе се изјасниле дека се родени во Грција, толку се изјасниле како Македонци по потекло. Прашањето што се наметнува е дали кога во Грција се прави попис некому му се дозволува да се изјасни поинаку од Грк? Познато е дека оној што ќе се роди во Грција, без оглед на неговото вистинско етничко потекло, не може да добие поинакво име од она што го одобрува Грчката црква. Каде се слободите и принципите во таканаречената „лулка на демократијата“ – прашува нашиот соговорник.
Тој понатаму додава дека декларирањето на дел од австралиските граѓани родени во Грција како Македонци ја поткопува и грчката стратегија за огромни грчки заедници низ светот, особено по големите градови, што се користи за политичко влијание за време на изборните процеси.
– Грците, на пример во Австралија, кажуваат дека Мелбурн е најголемиот грчки град надвор од Грција. Тоа зависи во кој дел од светот се. Ако се во САД, таму Њујорк е најголем грчки град, ако се во Канада, велат дека Торонто бил најголем грчки град во светот. Тоа го користат за политичко влијание. Сега, со ваквите декларирања на Македонците родени во Грција, ова почнува да паѓа во вода, бидејќи постојат податоци од австралиското министерство за внатрешни работи, кое се повикува на тамошното биро за статистика. Пописот не го вршеле Македонци, туку зборува за тоа како се изјасниле австралиските граѓани – истакнува соговорникот на „Нова Македонија“ од дијаспората во Перт, кој додава дека само во овој австралиски крајбрежен град има меѓу две и три илјади Македонци родени во Егејска Македонија.
Негово мислење е дека овие податоци од Австралија треба да се користат и од македонска страна и тоа да им се каже и на соговорниците од ЕУ, наспроти пропагандата од Атина и Софија за немање македонско малцинство на нивна територија.

– Треба отворено да му се каже на Брисел, еве ви документ што не е подготвен ниту во Скопје, ниту во Атина, туку од австралиски владин орган. Тоа потврдува дека има македонско малцинство во Грција. Посилна потврда од слободно изјаснување на граѓаните во Австралија нема – заклучува нашиот соговорник од Перт.
За поранешниот дипломат Драган Јањатов ова е позитивен чекор, кој притоа изразува оптимизам дека граѓаните родум од Грција што сега живеат во Австралија уште повеќе ќе се декларираат како Македонци во иднина.
– Таа егејска дијаспора во Австралија е огромна и влијанието и пропагандата на Грција таму се доста интензивни, меѓутоа тоа се Македонци што отишле таму како Грци и сега сè повеќе се охрабруваат да се декларираат како Македонци и тоа е добро. Очекувам тој број да продолжи да се зголемува, особено ако продолжат да се олабавуваат односите со Грција, бидејќи луѓето нема да се плашат од репресии и затоа ќе се декларираат онака како што се чувствуваат – вели Јањатов.
Според него, ова не е првата генерација што отишла во Австралија, туку станува збор за нивни потомци, кои сакаат слободно да го изразат своето македонско потекло и тоа го прават на најдобар можен начин.