Фото: Дарко Андоновски

Македонија даде многу на патот кон ЕУ и НАТО. Државата целосно се вложи себеси и направи премногу отстапки, дури и на своја штета. На овој макотрпен пат, полн со жртвувања и предизвици, имаше и одредени резултати. Во очекување на доделувањето датум за преговори, сепак, се наметнува дилемата како ќе го вреднува Брисел досегашниот ефект и што ќе претежне на неговиот кантар

Како што се наближува октомври така растат и очекувањата, како на власта така и на граѓаните, дека земјата конечно ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Но, паралелно со тоа, расте и повеќе или помалку суптилниот притисок со кој претставниците на државниот врв се обидуваат да ги натераат европските партнери конечно да се согласат за одлуката за доделување на датумот, повторно користејќи ја „заканата од дестабилизација“ како главно средство за омекнување на Брисел. Поточно, да ги убедат оти евентуалното недоделување датум би можело да се одрази врз безбедноста на земјата, или, пак, да создаде простор за зголемување на влијанието на трети земји.

На вакви безбедносни ризици во претстојниот период неодамна предупреди и претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека следниов месец и половина е критичен.

– Република Северна Македонија во наредните 40-50 дена влегува во еден период што може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО-членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија – изјави Пендаровски по првиот конститутивен состанок на Советот за безбедност.

Слична порака сега испраќа и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој стравува дека без датум во октомври повторно би се активирале антиевропските сили во земјава.

– Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме. Тоа ќе им помогне на оние што се сомневаат во европскиот проект, таа стратегиска ориентација, додека позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце – рече Димитров во едно неодамнешно интервју.

Тој додаде и дека на земјата ѝ е потребна мотивација за да продолжи во спроведувањето на планираните реформи.
– Потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да одиме напред – порача Димитров.

Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека е добро што земјава преку предупредувањата за дестабилизација на некој начин се обидува да изврши притисок врз Европа, но, според нив, тоа нема никаков ефект во Унијата.
– Изјавите на нашите политичари дека ако во октомври не добиеме датум за преговори се притисок врз Брисел дека ќе следува потоп. Добро е што нашите се обидуваат да притискаат, но тоа објективно нема никаков ефект во Унијата – смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Тој додава дека постојат мали шанси да се добие датум во октомври, но категоричен е дека евентуалните преговори би започнале за една до една и пол година.
– Шансите за датум се релативно мали, иако не треба да се исклучи и таквата можност. И во случај да добиеме датум, преговорите би почнале најрано за една или една и пол година и ќе траат најмалку десет години. За Македонија е клучно да се прават сериозни реформи, ама, за жал, на политичарите тоа воопшто не им паѓа на памет – заклучува Никовски.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, веројатноста за дестабилизација во земјава во претстојниот период е голема.
– Постои голема веројатност за дестабилизација, но оние сили што би го направиле тоа би дејствувале прикриено, така што не може да очекуваме дека тоа ќе биде лесно препознатливо – смета Трошановски, посочувајќи ги искуствата на соседните земји кога ги почнувале пристапните преговори со ЕУ.

Освен тоа, Трошановски посочува и дека со евентуалното одложување на доделувањето на датумот за преговори во октомври, кредибилитетот на ЕУ ќе биде урнат, а и реформите во земјава ќе запрат, така што ќе се создаде вакуум-простор, кој, како што вели, би можеле да го искористат деструктивните сили.Периодот што следува секако ќе биде турбулентен, но најмногу поради сопствена заслуга. Наместо да се забрзаат реформите, државата внатрешно е оптоварена со голем број афери и скандали, натегања меѓу власта и опозицијата во врска со повеќе прашања, така што власта, купувајќи време за себе, може да го испушти и времето што ѝ го даде Европа.