Фото: Игор Бансколиев

Со прелетот на авионот АВАКС на НАТО, вчера, над Скопје беше демонстрирано како се изведува мисијата на Алијансата за воздушно патролирање над Македонија. Со овој настан се одбележува официјалното вклучување на воздушниот простор на Македонија во системот на НАТО за воздушно патролирање. Во рамките на вежбата беше прикажано сценарио во кое владиниот авион „лирџет“ ја губи комуникацијата со контролата на летање, по што од македонската база интервенираат во НАТО-базата, по што веднаш се вклучуваат грчките борбени авиони „Ф-16“, кои по воспоставувањето комуникација со авионот, го приземјуваат.
– Можевме да видиме како со членството во НАТО, Северна Македонија е посилна и позаштитена. Со овој настан можевме да видиме како изгледа НАТО-мисијата за воздушно патролирање, со што и нашиот воздушен простор целосно се приклучи на системот на НАТО – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која присуствуваше на настанот.