Тој исполни две норми за титулата велемајстор и има време до 5 септември годинава да го надмине рекордот на Русинот Сергеј Карјакин, кој стана велемајстор на возраст од 12 години и седум месеци

ШАХ

Дванаесетгодишниот американски шахист, интернационалниот мајстор (ИМ) Мишра Абхимани (2.424 рејтинг-поени) ја исполни својата втора норма за велемајстор (ВМ) на турнир во Будимпешта, и тоа уште во претпоследното, осмо коло, со седум поени. Во последното коло, тој го победи и прворангираниот на турнирот, ВМ од Чешка, Војтех Плат (2.556), што беше доволно да освои осум поени од девет можни со седум победи и две ремија, односно да заврши со дури три поени предност пред второпласираниот, притоа победувајќи четворица ВМ.
Неговиот рејтинг-перформанс изнесуваше 2.739, а освои и нови 30,5 рејтинг-поени. Со овој успех, тој е на добар пат да стане најмлад ВМ во шаховската историја. Рекордот го држи Русинот Сергеј Карјакин, постигнат во 2002 година, на возраст од 12 години и седум месеци. Абхимани има време до 5 септември годинава, односно малку повеќе од четири месеци да го надмине овој рекорд. Неговиот шаховски рејтинг во живо сега изнесува 2.471, а покрај третата норма, ќе му требаат и уште 29 рејтинг-поени.
Абхимани го собори рекордот на САД, како играч со рејтинг над 2.000 поени (со седум години, шест месеци и 22 дена), како и рекордот на САД за најмлад национален мајстор со 2.200 поени (девет години, два месеци и 17 дена), а го држи светскиот рекорд за најмлад меѓународен мајстор од ноември 2019 година (10 години, девет месеци и 20 дена).
На второто место на листата најмлади ВМ во историјата е Индиецот Гукеш Домарају (12 години, седум месеци и 17 дена), а трет е Узбекистанецот Јавохир Синдаров (12 години, 10 месеци и пет дена). Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, го зазеде седмото место (13 години, четири месеци и 27 дена).