Џафери се сретна со словенечкиот премиер Шарец

34

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Владата на Словенија, Марјан Шарец, пришто искажа благодарност за континуираната помош и поддршка на Словенија во остварувањето на нашите стратешки цели за членство во НАТО и ЕУ.

Како држави со заедничко минато кои решија самостојно да го остварат својот пат како држави, бевме исправени пред многу задачи. Вие успеавте прилично брзо да ги завршите и да станете земја членка на НАТО и ЕУ и продолживте да ни ја давате вашата безрезервна поддршка на тој пат, оцени Џафери.

Тој го информираше Шарец дека Македонија за релативно краток временски период успешно ги надмина отворените прашања со Грција и Бугарија и го отвори патот за членство во НАТО, како и за процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО, кој бележи поголема динамика од претходните членства, особено поради фактот што за 9 месеци имаме заокружени ратификации во 23 земји членки со очекување следната 2020 година тој процес да заврши и земјата да стане полноправна членка во НАТО. Притоа, тој ја искористи приликата да ѝ се заблагодари на Словенија за првата ратификација на Протоколот по Грција годинава.

Во однос на ЕУ, претседателот Џафери изрази очекување дека земјата ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ на претстојниот Самит на Советот на ЕУ.

Шарец констатираше дека Македонија направи оргомни напори и инвестираше многу во процесот за зачеток на евроатлантските процеси. Како земја пример во регионот за заеднички соживот, земјата заслужува да отпочне преговори и да биде самостојно оценувана за нејзините досегашни достигнувања, со што ќе може реално да направи придвижување во својот евроинтегративен пат. Тој го увери претседателот Џафери дека Словенија ќе направи сѐ што е во нејзина моќ да ги убеди европските партнери дека земјата треба да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Двајцата соговорници беа согласни дека соработката меѓу двете земји треба да продолжи со несмален интензитет на поле на економијата, културата и во други области од заеднички интерес, а дијаспората да служи како мост на поврзување и унапредување на соработката на овие полиња.