Џафери се сретна со британската амбасадорка, Рејчел Галовеј

153

Претседателот на Собранието Талат Џафери се сретна со амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Н.Е. Рејчел Галовеј. Средбата беше по повод реизборот на претседателот Џафери на функцијата претседател на Собранието, како и изборот на новата Влада, со што се воспоставува целосна функционалност на највисоките државни институции во земјата.

Претседателот Џафери ги потенцираше исклучителните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, за кои сподели очекување дека ќе продолжат со зголемена динамика и во наредниот период. Информираше дека во наредниот период претстои формирање на комисиите, делегациите и пратеничките групи за билатерална соработка, како и зголемена заедничка работа како на пратениците од владејачкото мнозинство, така и на пратениците од опозицијата, особено во пресрет на започнувањето на преговорите со Европската унија. Истовремено, соочени со предизвиците од пандемијата со Ковид-19, сите заедно ќе треба консензуално да изградат деловничка основа за можност за работа на Собранието од далечина, особено за гласање од далечина, бидејќи неизвесноста со пандемијата во претстојниот есенски и зимски период е голема и ќе изискува ставање во располагање на сите капацитети за справување со овие ризици, како и донесување на времени правила за работа на Собранието во вонредна состојба.

Претседателот Џафери, осврнувајќи се на Брегзит, истакна дека Собранието стои на располагање брзо да се ратификуваат сите ревидирани трговски и економски договори меѓу нашата држава и Обединетото Кралство, за да може непречено да се одвива надворешно – трговската размена. Во контекст на соработката со НАТО, Република Северна Македонија како најнова земја – членка ќе соработува со британските колеги на рамноправна основа, придонесувајќи во колективната стабилност и глобалната безбедност. Претседателот на Собранието ја оцени како мошне успешна досегашната соработка со Вестминстер фондацијата за демократија, при што нагласи дека сите започнати проекти продолжуваат и понатаму со несмалена динамика.

Амбасадорката Галовеј информираше за новите услови на работа во Британскиот парламент, наметнати од ризиците од пандемијата со Ковид-19, и можноста британските пратеници да работат и гласаат од далечина. Понуди конкретна помош и поддршка во оваа област, во насока на споделување и користење на искуствата. Изрази позитивно очекување од натамошната реализација на проектите меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Вестминстер фондацијата. Воедно, ја истакна силната политичка поддршка на новото Собрание и Влада, нагласувајќи ја потребата од натамошно заедничко градење на добри и коректни односи на релација власт – опозиција.

Соговорниците разменија мислења околу актуелните политички случувања во државата, активностите на Собранието и Владата во контекст на фокусирање кон предизвиците од пандемијата и прилагодувањето на животот на граѓаните кон новата состојба, дијалогот власт – опозиција како клучен императив на демократијата, можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.