Џафери: Нема правен основ за нарко-тест на пратениците

211

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, попладнево соопшти дека во Уставот и Деловникот на парламентот нема правен основ според кој би можела да се реализира иницијативата од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, за нарко-тест на пратениците.

-Ве информираме дека, во Законот за пратеници, во Деловникот за работа на Собранието и во Уставот на Република Северна Македонија, нема правен основ според кој Претседателот и Собранието на Република Северна Македонија би можеле да ја реализираат Иницијативата на Независната пратеничка група, се наведува во соопштението од кабинетот на Џафери.

Во него се додава и дека Претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања.

Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, на која координатор е Елизабета Канческа-Милевска доставија во Собранието иницијатива за доброволно тестирање од наркотици на сите пратеници.

Иако Џафери ја отфрли ваквата иницијатива, од неговиот кабинет информираат дека пратениците и вработените во Собранието одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба.

-Последниот систематски преглед се реализирал во 2017 година, а следниот редовен систематски преглед ќе се спроведе во текот на оваа година, се истакнува во соопштението.

Од кабинетот на парламентарниот спикер исто така велат дека не се точни тврдењата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оти Претседателот на Собранието може и без формално покрената иницијатива, да утврди одговорност на пратеник.

Инаку претходно, идејата за нарко-тест на пратениците ја прифатија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а барањето уследи по реакциите во јавноста за објавената аудио-снимка на руската социјална мрежа „Вконтакте“ под наслов „Павле Богоевски нарачува кокаин“.