Џафери негира дека бојкотот ќе му овозможи да стане претседател на државата

345

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во завршниот собир за претседателските избори на Демокрастската унија за интеграција пред присутните ги негираше шпекулациите дека непојавувањето за време на изборната кампања има врска со тоа дека тој ќе стане претседател на државата.

– Талат со консензус е избран за претседател на Собранието и ако не се постигне цензусот, нема да стане претседател на државата, само ќе му се додаде обврска повеќе, со што ќе се повтори оваa постапка. Верувам дека по првиот круг, сите разбраа дека идејата на Али Ахмети за консензуалноста извира од Охридскиот договор, таа е идеја што ќе овозможи изборот на граѓаните да биде тој што ќе нè однесе напред, избор што ќе ни овозможи институционална функционалост за да може да ги заокружиме и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани – истакна Џафери.

Претседателот на Собранието рече дека граѓаните на Македонија одлучија со срце и душа да одат кон Запад, во Европа.

– Секое друго мислење нè враќа назад, нè носи некаде во болната историја и никој не сака да се вратиме назад. Јас како ваш брат, претседател на Собранието, сум определен за опцијата на Западот и ова доаѓа и од нашите преродбеници, кои рекле дека за нас сонцето изгрева од запад. Сите знаеме што треба да направиме на 5 мај излегувајќи сите да гласаме за да се постигне консензусот поддржувајќи го консензуалниот кандидат. Јас сум за тоа да продолжиме заедно напред за да имаме светла иднина во процесот што го почнавме и веќе 12 земји го ратификуваа протоколот за НАТО и сме на прагот на отворање на преговорите со ЕУ – истакна Џафери.