Џафери на албански јазик ја водеше собраниската седница

264
Фото: Игор Бансколиев

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчерашната седница за пратенички прашања ја започна на албански јазик, на што реагира координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со забелешка дека ги крши Деловникот, законите и Уставот. Џафери на тоа одговори дека постапува според Законот за употреба на јазиците, кој е во сила.

Претходно, Џафери на средба со новинарите рече дека за поставувањето двојазични табли на зградата на Собранието, ќе се испочитува рокот од шест месеци, но бидејќи таблите ќе треба да се менуваат и во согласност со договорот за промената на името на државата, тоа ќе се направи наеднаш за да не се прават двојни трошоци.

Што се однесува на иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието и за распишување предвремени парламентарни избори за во мај, претседателот на Собранието вели дека тоа ќе биде ставено на дневен ред кога ќе биде постигнат договор за техничка влада 100 дена пред избори, односно ако иницијативите добијат поддршка од 61 пратеник. Но, како што објасни, парламентарните избори не ќе можат да се одржат истовремено со претседателските, бидејќи рокот од 100 дена веќе е прекршен.

Инаку, на вчерашната седница за пратенички прашања доминираа темите од областа на економијата и на социјалата при што заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов најави дека резултатите од конкурсот за доделување студентски стипендии ќе бидат објавени в понеделник, а премиерот Зоран Заев изрази убедување дека „Еурокомпозит“ ќе има успешна трансформација и најави неколку нови странски инвестиции. Заменик-министерот за здравство Асим Муса, пак, реплицирајќи ѝ на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, повтори дека вакцините што се во употреба во здравствените институции се уредни и ги исполнуваат европските стандарди.