Џафери изрази благодарност до Европскиот парламент на средбата со Касталдо

118

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери се сретна со потпретседателот на Европскиот парламент, Фабио Масимо Касталдо, кој учествуваше на Конференцијата на млади лидери, организирана од Собранието на Република Македонија и ЕП за политичкото учество на младите и младинските политики со пратеници од Западен Балкан.

Џафери, како што соопшти неговиот кабинет, изразил благодарност до Европскиот парламент за поддршката што во континуитет се изразува за нашиот европски интеграциски процес, со што, како што рекол, покажуваат дека цврсто стојат зад нашите стратешки цели.

– Во продолжение, го информираше за сите преземени активности во изминатиот период за зголемување на видливоста на законодавниот дом, што придонесе за зголемување на рејтингот на Собранието во јавноста. Истакнувајќи дека се наоѓаме во историски момент, после речиси три децении да стигнеме пред вратите на Европската унија, претседателот го запозна Касталдо и со подготовките околу претстојниот референдум кои Собранието ги презема како овластен носител на активностите, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.

Касталдо ја поздравил посветеноста на институциите за надминување на пречките и постигнување напредок, при тоа истакнувајќи ја виталната улога на Собранието. Тој ја повторил подготвеноста на Европскиот парламент да продолжи да биде клучен подржувач и партнер на Собранието на Република Македонија и во иднина, и на политичко и на експертско ниво.

Во однос на претстојниот референдум, Касталдо истакнал дека е важно граѓаните да излезат и да го искажат својот став, а бојкотот на референдумот го смета за бојкот на демократијата.